Според начинот на носењето на одлуките Собранието остана форум во кој спротиставените политички опции не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи.
Ова се наведува во извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот од септември-декември 2017 година на Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје.
Преку проектот „Собранието под лупа“, Институтот заклучува дека Собранието преку дискусијата на набљудуваните седници во овој период, не придонесе доволно кон унапредување на овие важни вредности, што се заеднички за секое демократско општетство.
Во овој период опозицијата била поактивна и учествувала со 69 отсто од дискусијата, а власта со 31 отсто. Најактивни пратеници кои на собраниската говорница се задржале најдолго се Антонио Милошоски со 286 минути, Драган Цуклев со 223 минути и Илија Димовски со 222 минути.
Во овој набљудуван период Институтот анализирал оти во 41 отсто од анализираните дискусии на пратениците нема аргументи, што е за шест проценти повеќе од минатиот период.
Според политичка припадност на говорниците, 58 отсто од дискусијата водена од страна на пратениците од власта е слабо аргументирана, а во 24 отсто не е идентификувано никакво образложение во врска со темата на дискусија. Во 38 отсто од дискусијата на опозицијата е со слабо образложение, а во 48 проценти од воопшто не се идентификувани аргументи.
– За жал како и во изминатите периоди на набљудување Парламентот повторно пропушти многу можности да израсне во форум каде одлуките се носат преку аргументирана дискусија, во која учесниците се сослушуваат и ги изнесуваат своите ставови врз основа на аргументи и се концентрираат пред се на дискусијата врз аргументите, а помалку врз личноста на своите политички противници – изјави Јане Димески од Институтот.
Оцени дека пратениците повторно почесто ги игнорирале аргументите изнесени во дискусијата наместо да одговараат на нив со контрааргументи или, пак, често се случувало да ги извртуваат аргументите во своја полза.
– Повторно нема ниту еден случај на пратеник кој укажал дека ја менува својата позиција поради изнесени аргументи од своите политички опоненти, а во овој период дури и малку е „порадикална ситуацијата“ поради тоа што пратениците не укажуваа ниту почитување кон вредноста на аргументите на своите опоненти, нешто што, иако не често, сепак го имаше во изминатиот период – рече Димески.
Според него, квалитетот на самата дебата во Собранието уште повеќе опаднал, и оти поквалитетна дебата има во периоди кога во Собранието не е присутна опозицијата.
– Собранието не треба само да ја одразува политичката конфронтација меѓу партиите, туку треба да има и стабилизирачки ефект тие луѓе се таму избрани за да носат одлуки со свои ставови и преку аргументирана дебата да делуваат стабилизирачки кон поширокото општество – оцени Димески.
Во периодот септември-декември 2017 беа набљудувани седум пленарни седници и девет комисиски расправи, а вкупно се набљудувани 1.469 дискусии. Најдискутирани теми беа Предлог – законот за употреба на јазицитe и Предлог-буџетот на РМ за 2018 година.
Проектот „Собранието под лупа“ е финансиран од Швајцарската агенција за поддршка и развој. Вклучува 28 месечно набљудување на квалитетот на собраниската дебата и набљудување на тоа како медиумите известуваат за работата на Собранието.