Како се залауфа оваа претстава (со плукање и пукање) со двојазичноста, така се поајвија и уставобранителите. На оние на кои им е малку незгодно и се снебиваат да си го признаат својот вкоренет шовинизам и национализам, одбараната на Уставот им дојде како прибежиште, како оправдување.
Демек, тие немаат ништо против правото на Албанците да говорат и да го употребуваат албанскиот јазик насекаде, ама Уставот, тој мора да се почитува! Од претседателот на државата до разноразни самонабедени интелектуалци од сите струки, стручњаци и самопромовирани експерти, до политички профитери, манипуланти и кибицери, недостоинствени владици, сите тие најдоа прибежиште во одбраната на Уставот. Загрижени се, демек, за функционирањето и опстанокот на државата! Ги има од сите провиниенции, а сега гледам и професионални силеџии се приклучуваат, некои дури со експлицитни фашистоидни обележја и реторика.
ОК! Можеби имаат право колку и да не нѝ се допаѓа тоа? Законот можеби е и неуставен. Донесен е на глупав начин, би рекол мрзлив, затоа што не се потрудија поинтелигентно да дојдат до истото. Но на Ахмети му се брзало! Можеби е и тешко применлив. Ќе создаде некои проблеми. Со него се прави обид да се решат многу прашања кои сепак нема да можат да се решат. Да!
Но, ајде малку да завртиме по Уставот на Република Македонија и да видиме што сè има таму. И колку се почитуваат неговите одредби. Само површно да погледате, без интенција да барате влакно во јајцето, во Уставот ќе налетате на цел куп одредби кои се кршат или се прекршени во основа или потоа со закони и одредби се негираат. И не зборуваме за оние делови за начелни универзални хуманистички одредби за слободи и права, туку за домени кои секојденвнно не погодуваат, удираат, ги чувствуваме. Колку што паметам, никој од гореспоменатите уставобранители досега не проговорил за несиполнувањето на некои одредби од Уставот.
Не одете далеку само свртете го Уставот и ќе видите сèнешто. Еве, на пример, во членот 32, на пример, се вели дека …„секој има право на слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност“ и „секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место“. Не треба да сте експерт за уставно право, но веднаш знаете дека ова не само што не е точно, туку во реалноста е сосема спротивно. Сетете се само на оние очајници на Лиле кои десеттина години си го бараа своето право, а некои од нив заминаа на оној свет без да го остварат своето, нели, уставно право.
Во членот 35 пак, се вели: „Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност“. Оваа уставна одредба секојденвно се побива на крстосниците, со пружената рака на оние јадни дечиња. Уставобранителите веројатно ќе изнајдат аргумент и за таа појава. Можеби ќе ни го објаснат тоа питачење како акт на некоја социјална ексцентричност, финта на групации на профитери(?!), непријатели на нашето беспрекорно уставно уредување . Но, останува впечатокот дека по овој член Републиката не постапува согласно Уставот!
Одиме понатаму „Републиката им гарантира право и помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани“. Истата таа Република им „обезбедува посебна(!?) заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општетвениот живот.“ Се разбира, ако воопшто можат да излезат од дома и да се вклучат во тој општествен живот.
Во Членот 39: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.“ Притоа: „Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.“ Ова уште малку па би било смешно доколку не се работи за таква сериозна тема. Уставот паѓа на првиот амбулантски шалтер.
Посмешното доаѓа во Членот 43: „Секој човек има право на здрава животна средина“ и понатаму „Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“. Што да кажете на ова? Кога сте секојдневно подложени на енормни загадувања, гаранциите на Уставот ништо не ви значат. Тие не се ни гас маска, ниту право и слобода да дишеш загаден воздух кое пак ти оневозможува да ја исполниш својата обврска од Членот 39 кој ти ја определува должноста да се грижиш за своето здравје. И тогаш, сите ни сме значи прекршители на Уставот кој е, нели, света и неспорна категорија. Или можеби проблемите со загадувањето треба да се бараат во некое геноциден комплот, светска завера на кои Републиката не може да им влезе во трага и да го заштити Уставот?
Уставот е полн со вакви недугавности кои само потврдуваат, сведочат дека Уставот кај нас, по правило не се почитува. Некаде е и невозможно.
Како да се протолкува и онаа гаранција во Уставот за автономија на универзитетот врз кој скоро една деценија се правеа и успешни обиди токму за ограничување на автономијата.
Во Членот 55 стои: “Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото“. За да се исполни оваа одредба со Уставот би требало да се додаде следново: „доклку ти наместат тендер, платиш мито или на друг (нелегален) начин обезбедиш предност.“
Има и други смешни работи, на пример за пратенците на Собранието на РМ каде изрично се забранува занимавање со друга дејност или профсија. Дали тогаш, уставно гледајќи, може како Божје чудо да се објасни загарантираното богатење на пратениците за време на мандатот?
И да не должам, зашто така апсурдот само се зголемува. Ова плакнење на рудиментарниот нациопнализам и шовинизам со Уставот, едноставно дегутира и е далеку од суштинската расправа и полемика за приоритетните проблеми на ова општество.
Можеби проблемот е во самиот Устав? Па тогаш нека се смени зашто е во спротивност со стварноста. Вака само им се шири просторот на националистичките примитивци кои едвај чекаат своето дивеење да го оправдаат и легитимираат. Тоа и почнаа да го прават. Груевски ќе го тепаше Талат Џафери, пред домовите на пратеници се протестира, се палат автомобили, ќосињата пак креваат глава, дивеењето ескалира…
А сè тоа е во спротивност со Уставот, ако не се лажам.