Државната изборна комисија (ДИК) повторно се враќа во функција откако премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, успеаја да постигнат преодно решение за кое се верува дека ќе ѝ овозможи на Комисијата непречено да функционира во периодот додека се усогласува изборното законодавство. Двајцата лидери се договорија ДИК да се формира според стариот модел, односно претседателот да го предложи опозицијата, а мнозинството членови да биде избрано од редовите на власта. Како што најавија двајцата лидери, ова би функционирало до крајот на септември годинава кога работните групи на двете партии ќе треба да го усогласат изборното законодавство и да воспостават трајно решение кое нема да предизвика негативно влијание врз политичките процеси. Политичките аналитичари го поздравуваат потегот на Заев и на Мицкоски, а посочуваат дека и покрај тоа што стариот модел е лош, затоа што предвидува паритет наместо експертиза, сепак не може да биде полош од тоа воопшто да не постои ДИК во Македонија.
Враќање на стариот модел
Премиерот Зоран Заев потврди дека на средбата со Христијан Мицкоски било договорено привремено да се усогласи изборното законодавство, но како што рече, постојано ќе се работи за постигнување трајно решение.
– Државната изборна комисија ќе ја сочинуваат само експерти до крајот на септември оваа година и ова тело ќе има само административна функција, но на шест месеци пред изборите ќе се вклучат и политичките партии. Целта е да се постигне трајно решение кое нема да предизвикува негативни влијанија врз самите политички процеси. Сепак, Македонија мора да има Комисија и пред да биде постигнато тоа трајно решение, па токму затоа решивме да го направиме овој чекор – истакна Заев.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, најави дека комплетирањето на Државната изборна комисија ќе се врши по стариот модел, наместо по „пржинските“ правила и некогашните законски измени на изборните процеси кога претседателот на ДИК мораше да биде независен и непартиски кандидат.
– Со премиерот Заев се согласивме дека треба Државната изборна комисија да се комплетира. Тоа ќе се прави по стариот модел, односно претседателот на ДИК ќе биде избран од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде избрано од власта – изјави Мицкоски.
И двајцата лидери потврдија дека има напредок во комуникацијата меѓу двете партии, а како што најавија, до крајот на идната недела ова приближување треба да резултира со конечен договор за реформскиот пакет закони.
Државната изборна комисија остана испразнета откако непосредно по локалните избори минатата година американскиот амбасадор Џес Бејли обелодени дека членовите на ДИК тајно си поделиле бонуси и дополнителни плати, па под притисок на граѓаните се повлекоа од своите функции. Засега нема информации за конкретни имиња на кандидати кои би можеле да бидат предложени од политичките партии, но според гласините, наскоро се очекува од власта и од опозицијата посериозно да седнат и да се занимаваат со овој процес, оти ДИК е клучна институција за спроведување избори и референдуми.
Преодно решение
Нема причина да се враќа модел кој претходно бил надминат затоа што бил лош, вели претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.
– Државната изборна комисија претходно беше окупирана само од партиски војници, а потоа беше повторно неуспешно реформирана затоа што партиските претставници ја тераа само партиската агенда, а независните експерти не се покажаа како најнезависни. Воедно, видовме едно флагрантно и грубо кршење на гласачкото право – вели Дерала.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски објаснува дека моделот е лош затоа што предвидува паритет наместо експертиза, но потенцира дека единствено што е полошо од тоа е воопшто да не постои ДИК во Македонија.
– Јас сум подготвен да прифатам преодно решение додека трае оваа политичка криза во државава, бидејќи институциите мора да профункционираат. Се разбира дека експертски модел е многу подобар од паритетен, бидејќи кога партиите ќе се раскараат, тогаш повторно ќе бидат блокирани институциите во кои по паритет биле избрани членовите. Но, затоа што поинаква можност не постои во моментов, сметам дека е подобро партиите паритетно да се договорат и да постигнат преодно решение додека траат измените во изборното законодавство. Во секој случај, за поздравување е потегот на Заев и на Мицкоски кои успеаја да постигнат паритетен договор со цел да има ДИК – објаснува Арсовски.
Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, пак, во изјава за Телма вели дека предлогот на Заев и Мицкоски околу составот на Комисијата во моментов претставува добро и преодно решение.
– Треба да се изнајде трајно решение со избор на еден претседател и четири членови кои би биле од редовите на експертите, но експерти со искуство во изборната материја. Сметам дека оваа држава може да изнајде пет такви квалитетни луѓе кои не би се соочувале со одредени партиски притисоци. Едноставно, не можеме да пронајдеме решение од експерти кои немаат искуство. Досега сме имале таков пример кој се покажа како неуспешен иако беше договорен од политичките партии. Сепак, постои и друго решение во кое политичките партии можат да учествуваат, но сепак мнозинството да го сочинуваат експерти – објаснува Новаковски.
Мартин Богатиновски
„Слободен печат“