Подготовка за стрижење

Имам чувство дека ова што сега се случува во Македонија е качување на бесното куче на коклица со три ногарки, за да не реви и да не каса кога ќе го стрижат

2680

Еднаш колегата Ѓорги Барбароски ми раскажа (можеби напиша и колумна за тоа) како се стриже куче.

Имено, нема куче што сака да биде истрижано, па може да се разбесни, да отвори уста, да загризе… Затоа, пред стрижење, кучето се става да легне на специјално столче со три високи ногарки.

Што е финтата? Столчето е нестабилно и кучето не мрда, во страв да не падне. И берберот стриже на раат…

Сега, откако ова приказнава ја објавив на Фејсбук, ми се јавија пријатели, кучкари, да ми кажат дека има и други, помодерни методи на стрижење кучиња. Како и да е, сите методи се сведуваат на исто – кучето мора да се смири и да дозволи да биде истрижано. По можност, дури и да ужива во стрижењето.

Било како било, останува моето заебано чувство дека ова што сега се случува во Македонија – ова кавгиве со тутумациве од ВМРО, ова апсењава па пуштањава, обвинувањава, судењава, насилствава, провокацииве со Албанците, слабеењето на интегритетот на владејачката партија со кооптирање на разни чедовци, медовци, најавеното ширење на парламентарното мнозинство со амдибајрамовски селски голгетери – сето тоа, всушност, е качување на бесното куче на коклица со три ногарки.

Да, ова навистина личи на подготовка за едно солидно стрижење. Во ред, планот можеби и не е така лош, но јас би сакал стратезите да размислат малку за иднината и за фактот дека кучешките влакна се стрижат, но тие пак растат. И дека дури и кај поглупавите кучиња, една иста финта двапати тешко успева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...