Опозициската ВМРО-ДПМНЕ би можела да го загуби правото за дејствување како политичка партија доколку се докаже дека нејзиното раководство стои зад организирањето протести пред домовите на пратениците од владејачкото мнозинство, кои минатата недела го дадоа својот глас за донесување на Законот за употреба на јазиците.
На социјалните мрежи масовно се шират фотографии на кои се пресликани меѓусебните разговори меѓу одговорните во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ и членството, а јасно е прикажан и начинот како раководството ги повикува своите членови да излезат пред домовите на пратениците од СДСМ и да ја вжештат атмосферата.
Ако овие разговори се докажат како вистинити, аналитичарите потенцираат дека Законот за политички партии строго го осудува партиското дејствување насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување или повикување воена агресија и разгорување на националната, расната или верската омраза и нетрпеливост, па како што велат, голема е веројатноста партијата на Христијан Мицкоски да го загуби правото за дејствување.
Дел од политичките експерти, пак, велат дека ваквиот начин на протестирање веќе претставува практика во Македонија, па според нив, дури и да се докаже наводното вмешување на опозицијата во организирањето на протестите, сепак никој нема да поведе постапка за воведување забрана за нејзиното дејствување.
Кривични пријави за организаторите
„Во 19 часот се чекаме на широкото пред месната заедница. Оттука ќе продолжиме, оти таа живее на стотина метри подолу. Не треба да потсетувам дека се очекува присуство на секој член на ОК, нели?“, гласи една од пораките пратени од советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош, Тони Јаревски, до членовите. Потпретседателката на Собранието и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски, на социјалните мрежи прва ги објави овие фотографии со пресликаните разговори и најави дека ќе поднесе кривична пријава за насилство против советникот Јаревски, како и против претседателот на партискиот Општински комитет Сашо Лазаревски, кои според неа се организатори на протестите што се одржаа пред нејзиниот дом.
– Јас најавив кривична пријава, која ќе ја поднесам до ОЈО во Скопје затоа што моите сознанија и докази говорат дека зад организирањето на хулиганството пред мојот дом стои општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Општина Карпош, заедно со актуелен советник и претседател на ОК на партијата, поранешен претседател на ОК и повеќе вработени во јавни установи – рече Ременски.
Таа потврди дека се чувствува небезбедно, а како што вели, кривичната пријава што ќе ја поднесе согласно со член од Кривичниот законик, предвидува и казна затвор за организаторите и учесниците на немирите.
Премиерот Зоран Заев остро го осуди ваквиот тип протести пред домовите на пратениците и смета дека на тој начин се прават неколку кривични дела, а исто така посочи дека лично ќе ги заштити децата на пратениците.
– Протестите се уставно право, но тоа што се прави пред домовите и пред дечињата на пратениците, пред членовите на нивните семејства и родители е апсолутно недозволиво, зашто е кршење на приватноста на домот. Се упатуваат директни закани, омаловажувања и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Јас лично ќе ги заштитам децата на пратениците – изјави Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, чија партија се огради од протестите, овојпат само му порача на премиерот Заев да не ги злоупотребува децата во дневнополитички цели.
– Тоа не е мое ниво, но не можам да не го искоментирам, бидејќи е непримерно од претседателот на Владата да ги злоупотребува децата во политички цели и се надевам дека тоа нема да му се повтори во иднина – рече Мицкоски.
Преточено во практика
Постои реална правна можност да се забрани политичка партија ако се докаже дека нејзиното раководство ги прекршило правилата, а тоа е јасно наведено и во Законот за политички партии, објаснува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
Тој вели дека во овој случај кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ и за протестите на граѓаните пред домовите на пратениците, навистина би било лудост ако некој се обиде да покрене таква постапка за забранување на партијата.
– Ваквиот начин на одржување протести стана практика во Македонија низ годините, а слична беше сликата и со протестите пред домот на Никола Груевски, како и каменувањето на домовите на одредени пратеници во времето на Љубчо Георгиевски. Досега никој не одговарал за тие настани и досега ниту една политичка партија не добила забрана за дејствување. Правото на протест не може никој да го забрани, но исто така не смее да се дозволи протестите да бидат насилни – објаснува Кекеновски.
Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски, пак, вели дека на опозициската ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе ѝ се заканува забрана поради кривичните дела во кои е инволвирана, отколку поради наводното учество во организирање на протестите.
– Товарот е многу голем и мислам дека раководството на партијата не се носи најдобро со целата приказна. Се обидуваат да одговорат со некоја ултрадесница, а исто така се обидуваат да ѝ се умилкуваат на меѓународната заедница. Во моментов, партијата се наоѓа во една прилично тешка ситуација, а дополнителен удар би претрпела ако се докаже дека раководството учествувало во организирањето на протестите пред домовите на пратениците – вели Стојковски.
Новинарката Катерина Блажевска во колумна за „Дојче веле“ пишува дека Мицкоски во моментов игра една многу монструозна манипулација, а како што вели, сето она што Груевски го реализираше, сега Мицкоски го завери.
„Од една страна, партијата официјално не протестира, но мотивира тоа да го прават нејзини членови во повеќе општини. Зошто? Поради длабоко вкоренeтите девијантни модели за патриотско дејствување на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата деценија, а типични за времињата од пред еден век, Мицкоски не може да создаде свој лидерски идентитет потврден низ тие искривоколчени канони. Партијата се самохендикепираше на подолг рок. Дури и под претпоставка дека би можела некогаш да победи на избори, мислите ли дека постои партија од албанскиот блок што би се дрзнала да коалицира со неа по целиот отров истурен врз албанската етничка заедница? Таа врата ВМРО-ДПМНЕ ја затвори со десет катанци“, пишува Блажевска.
Опозицијата контра Законот за политички партии
Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на државата, поттикнување или повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, наведено е во Законот за политички партии во Македонија.
Ако дејствувањето на политичката партија е спротивно на законите, се вели во законот, надлежниот јавен обвинител поднесува предлог за забрана на дејствување на таа партија, а постапката се води пред Основниот суд кој е надлежен според седиштето на политичката партија. Исто така, во законот е посочено дека судот е должен да донесе решение, со кое ќе го забрани дејствувањето на партијата ако се утврди дека нејзиното дејствување не е во согласност со законите.
Мартин Богатиноски
„Слободен печат“