Најнеопходните лекови и извесни количини храна добија жителите на неколку маала од селото Полаки на Осоговските планини. Им ги однесоа членовите на планинарското-спортско друштво „Осогово“ од Кочани, кои самоиницијативно организираа хуманитарна акција за собирање донации.
– Снегот и ниските температури го отежнуваа пристапот до куќите, па овие луѓе беа отсечени од цивилизацијата. Пешачевме 25 километри и посетивме петнаесетина домаќинства со стари лица над 70-годишна возраст на кои им ги донесовме лекарствата за да можат полесно да ги преживеат зимските услови – истакна претседателот на ПСД „Осогово“, Тошо Антов.
Во акцијата учествувале десетина планинар, кои поради отежнатите услови за пешачење, како и ограниченоста на тежината што може да ја носи секој од нив, доставиле лекови и храна со подолга трајност. На апелот за собирање помош се јавиле поголем број фирми и поединци од Кочани, но и од Виница, Скопје и други градови во Македонија.
Во следната акција кочанските планинари ќе пешачат до селата Небојани и Главовица кои се меѓу најоддалечените од градот.
Планинските села во Осоговијата се од разбиен тип, зафаќаат поголема територија и во зимски услови тешко се стигнува со возила.