„Пиволенд“ на вонредна седница стана „Пивски фестивал“

926

 

На вонредна седница Советот на Град Скопје вчера усвои две одлуки – Програмата за изменување и дополнување на програмата за општа туристичка пропаганда и подобрување на условите за престој на туристите во градот Скопје за 2018 година и Програмата за изменување и дополнување на програмата за финансирање на проекти за развој на занаетчиство, угостителство и трговија во Град Скопје за 2018 година.

Седницата траеше вкупно десет минути заедно со пребројувањето на присутните советници и заедно со процедуралната забелешка на советникот од опозицијата, Михајло Маневски, во однос на потребата од свикување вонредна седница.

Она што требаше да се донесе итно на вонредна седница, според предлагачот, градоначалникот Петре Шилегов, беа три измени на име на манифестации во двете програми. Така во Програмата за општа туристичка пропаганда и подобрување на условите за престој на туристите во Скопје за 2018 година во член 2, точка 2, ставката која гласи: Активности за привлекување туристи „Баскерфест“ се заменува со активност која гласи „Организирање на манифестација со улични изведувачи“.

Во образложението од градоначалникот се вели дека предложените измени се вршат поради усогласување на називите на проектите во програмата со називите на проектите во Буџетот на Град Скопје за 2018 година.

Според измените за финансирање на проекти за развој на занаетчиство, угостителство и трговија во Град Скопје за годинава, „Фестивал на виното Вино – Скоп 2018“ се предлага да гласи „Вински фестивал“, а називот на проектот „Гурмански викенд во Скопје – Пиволенд“ се предлага да биде „Пивски фестивал“.

На почетокот на седницата советниците на СДСМ изгласаа дека постојат оправдани причини за свикување вонредна седница. Со „оправданоста“ не се согласија советниците од опозицијата. Михајло Маневски истакна дека седницата е закажана спротивно член 61 од Деловникот на работа и спротивно член 26 од Статутот на Град Скопје.

Во споменатиот член се наведува во кои ситуации може да се свика вонредна седница на Советот.   

„Вонредна седница се свикува за прашања од итен карактер за функционирањето на Град Скопје (прашања што налагаат неодложно разгледување, прашања од значење за безбедноста и заштитата, спасувањето на граѓаните, во случаи на вонредни околности и слично)“, се вели во Статутот.

И покрај тоа, мнозинството советници и градската администрација сметаа дека споменатите измени заслужуваат да се свика Советот на Град Скопје, што секако подразбира трошење градски пари за надомест на советниците и за одржувањето на седницата.  

– Наведените програми итно треба да бидат донесени од страна на Советот на Град Скопје за да се обезбеди непречено организирање на манифестациите и активностите утврдени со програмите во неодложно предвидените рокови и затоа седницата е свикана како вонредна – одговорија од Град Скопје.

Анета Стојковска

Член 26


Вонредна седница се свикува за прашања од итен карактер за функционирањето на Градот Скопје (прашања што налагаат неодложно разгледување, прашања од значење за безбедноста и заштитата, спасувањето на граѓаните, во случаи на вонредни околности и сл.).
Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање од најмалку 1/3 од членовите на Советот или на предлог на градоначалникот.
Поканата за вонредна седница заедно со предлогот на дневен ред на членовите на Советот им се доставува на најбрз можен начин.
Пред отпочнувањето со работа на седницата, членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на вонредна седница, без претрес, со мнозинство од присутните членови на Советот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...