Штосот е прилично стар, ама одговараше на приликата.Со колегата Ник, со кого држевме тренинг во Скопје за новинари од електронските медиуми, се обдувавме да го преминеме булеварот „Партизански одреди“. Се разбира, на пешачки, пред да ги стават семафорите. Во Англија, на пешачки предност имаат пешаците, па возилата успоруваат пред пешачки и ве пуштаат да поминете. Во Скопје беше нешто поинаку. Чекавме.Чекавме.Чекавме. По некое време, за полесно да ни помине чекањето, му го кажувам на Ник вицот за некој во слична ситуација кој чека да помине улица, возилата фрчат, никој не застанува, а тој прашува еден кој незаинтересирано стои до него: „простете господине, како се поминува улица тука“?
„Не знам“, му вели овој, „јас сум роден на оваа страна“! Ник ме гледа и ми вели дека ова и не е некоја шега туку вистина, зашто сме чекале веќе шест, седум минути ( типичен Англичанец ) и уште сме на истата страна на Партизанска. Кај мене се разбуди националната гордост, па решив да тргнеме. Јас размафтана со папката со програмата на тренинготза да запрат возилата, Ник ме држи за рамо, демек ми помага да не ми се разлетаат материјалите, ама некако многу цврсто ме држи, за зад нас групата од десеттина новинари со густо збиени редови -„ако се гине, да гинеме заедно“ . (Добро, се шегувам со ова последното, ама во Скопје и ден денес поминувањето Партизанска на пешачки и со семафори е ризична работа.)
Возачите застанаа да поминеме, некои збунети од дрскоста, други да видат што се случува- главно, поминавме! Е сега, тоа што требаше да се вратиме назад е друга приказна…
Кој тоа таму свири
Ми требаше некое време да се навикнам дека во Лондон те чекаат на пешачки за да поминеш. Некогаш и без оглед на тоа дали воопшто имаш намера да поминеш. Толку се фини, што ќе поминеш, само за да им го направиш кефот. Така барем правев јас на почетокот, занесена од толкавата учтивост по балканската „ кај си тргнала ма, море, аре“ да ги спомнам само некои од поубавите епитети со кои ќе те почестат возачите „таму долу“, оти последната со која бев почестена од една фуфица во мерцедес зашто не исчезнав доволно брзо од пешачкиот беше – „свињо“! Страшно! Зошто , што ти згрешив, па не можев да летам, да исчезнам додека ти се шминкаше а ониј твојот без врат немаше трпение да почека малку зашто светлата на семафорите се така „калибрирани“ за да тргнеш на зелено а да те фатат сред пешачки на црвено. Поминував и без потреба,па се враќав, колку да им направам ќеф и нив но пред се’ и над се’ да бидам искрена- на самата себе,ненавикната на толкава учтивост, дојдена од балканската џунгла на асфалтот. Мореее љубезност и финоќа, си велев, и го упивав секој момент на култура во сообраќајот, зашто ми беше убаво и се чувствував убаво како рамноправен учесник во сообраќајот.
Патем,не знам дали некој помислувал нешто неубаво на сметка на пешаците или на возачите. Сигурно има и такви, па тука е далеку од совршено. Ама ако затрубите без потреба , казната е 1.000 фунти. Правилото е дека може да свирнете со автомобилската свирка само ако сте во непосредна опасност, а не ако некој пред вас не тргнал „ секундарно“ на семафор ( нешто што ќе ми остане доживотна траума зашто тоа беше последното нешто што го слушна татко ми пред третиот инфаркт на семафорите кај Симпо во Скопје). Казната за непотребно користење на автомобилската сирена инаку, тука е 1.000 фунти. И негативни поени на возачката. И срамота е, ќе ви се завртат сите за да видат што „мустра“ сте што сте налегнале на свирката. Некогаш и се познаваат „трубачите“ – по ликот и по изгледот ( а некогаш и по регистарските таблички) се гледа дека „не се од тука“ и си ги донеле навиките „од дома“ . Но набрзо се прилагодуваат на климата. Освен, можеби во делови на Лондон каде што се мнозинство.Но откако ќе платат по една две казни, силата од мнозинството исчезнува и работите се враќаат како што треба.Така треба. Зашто тие што налегнуваат на автомобилските труби се агресивни силеџии и треба под итно да најдат начин како да се смират. Или 1.000 фунти или медитација. Им препорачувам оммммм….
Мистеријата од А до Б
Мора да признам дека после толку време во Лондон,за мене е мистерија како политичарите и кралското семејство стигнуваат од едно до друго место, што ќе рече од А до Б со автомобил, бидејќи не сум била сведок на затворени улици, блокирани раскрсници, сообраќајни полицајци кои регулираат сообраќај.Кога ќе размислам подобро, и при најголемите застои кога имало сообраќајни несреќи, функционирале семафорите и така се одвивал сообраќајот. Се чека додека не се запали зелено. Колку и да трае тоа. Не знам дали кралското семејство го превезуваат со хеликоптери, преку подземни тунели, со телепортирање ( за која уште не ни кажале но за кое потајно се надевам дека постои и дека набрзо ќе го обнародат) .Знам само дека еднаш ја видов принцезата Ана во автомобил кој чекаше на семафори со сите обични „смртници“.
И го видов Тони Блер во колона со делегации од 25 земји членки на Европската унија на Лондонскиот самит во 2005 година во Хемптон Корт каде што се зборуваше за справувањето со глобализацијата и за тоа како Европа треба да се залага за отворена економија ,а Британија за слободна трговија.
Во меѓувреме еден куп делегации и настани и олимписки игри се одржаа ама сообраќајот не се блокираше и раскрсниците не се затвораа освен ако не се случи убиство, ако не прсне цевка па се поплави улица или се случи пожар, експлозија на бомба или гас или нешто во тој стил. И тоа главно,делумно.
Џентлмени се англичаните. Ве чекаат кога се приклучувате од споредна во главна улица. Кога ви светкаат со светлата, ви порачуваат – повелете, поминете. На пешачки ве чекаат. А кога ќе ве згазнат, на полицијатаи и на брзата помош им се тргаат сите, така што барем знаете дека има шанси криминалците да се фатат, а вие брзо да ја добиете потребната лекарска помош.
И така, пиеме чај со Ник пред некоја недела и се дебрифираме – кој каде бил, што правел, ги коментираме најновите случувања во Би-би-си каде што заедно работевме и ревизиите на платите. Па споредуваме патувања и тренинзи и настани.
„Се сеќаваш ли“, му велам, „на тренинзите во Тетово, Охрид, Скопје“?
„Како не“ ми вели „ посебно на Партизанска. Добар тренинг ми беше за тренингот во Индија“.