Извини е збор кој има само шест букви. И прости има шест букви. Кога сме учтиви има осум. На англиски е сори. Се пишува со пет букви. На француски пардон муа или пардоне муа, за да бидеме учтиви или икскјуз ми… на англиски… со уште повеќе букви… на шпански е ло сиенто, на италијански скуза на германски пак… еншулиге ли беше, слабо ми оди германскиот, она малку што го знам е своевремено од партизанските филмови и не е за фалење, зашто од пет-шест фрази, навредувам еден народ, една заедница и евоцирам сеќавања на Втората светска војна, а тоа воопшто не е целта на овој текст, туку извинувањата.
Десет извини
Оние што имаат познавања од германскиот јазик или умешност со Гугл транслејт, неделава можеа да го купат весникот „Зидојче цајтунг“ и во него да прочитаат за договорот за едно несекојдневно извинување.
Австрискиот вицеканцелар Штрахе не еднаш, не двапати, ами десетпати мораше да му каже „извини“ на еден од најугледните австриски новинари Армин Волф, зашто му рече на човекот дека лаже. А не беше во право, Армин не лажеше. Вицеканцеларот Штрахе се уфкаше, се туфкаше, се нагодуваше, се пазареше и успеа да постигне вонсудски договор со новинарот поради пост на социјалната мрежа Фејсбук.
Некаде на средината од февруари, Штрахе напишал: „Постојат места каде што лагите и фејк вестите стануваат вести“ и ја ставил фотографијата на телевизискиот новинар и модератор на ОРФ Армин Волф, кој пак не чекал ниту миг, веднаш реагирал, се пожалил и тужел!
Вонсудската спогодба за лажната навреда дека Армин лиферувал лажни вести, беше наместо парична отштета, вицеканцеларот јавно да се извини.
И така, десет дена едноподруго, во „Кронен цајтунг“ и на Фејсбук излегуваат извинувањата на Штрахе. Денес, утре се последните…
Прекрасно! Како во цртаната серија „Симпсонови“ кога Барт Симпсон мора по казна да ја испише целата училишна табла со бељата што ја направил тој ден: „жалам што ја скршив таблата, нема повеќе“.
Е сега, австрискиот вицеканцелар во извинувањето не рече дека „нема повеќе“, така што не знаеме дали лекцијата е научена и Штрахе веќе нема да се осмели да навреди некој новинар.
Според реакциите во медиумите, ова постигна неколку работи. Го посрамоти Штрахе, упати порака дека треба да се внимава на она што се изговара во јавноста, на Фејсбук и за контекстот во кој се изговара, дека треба да се внимава и на употребата на фотографиите. Плус, го направи Армин Волф, познат новинар дома, во уште попозната медиумска личност надвор од границите на Австрија. Интересни беа коментарите на Твитер, на пример. Еден следач коментирајќи ја целата ситуација, напиша: „Кој е па тој Армин?“, на што друг му одговори: „А, кој си па ти? Нему му се извинува австрискиот вицеканцелар – десет дена по ред!“
Индиректни извинувања
Политичарите, рака на срце, тешко се извинуваат. Читам, двајца академици од една лондонска институција изготвиле научен труд за политичарите во Велика Британија и извинувањата. Не им оди. Некако сето тоа е завиткано и индиректно… како на пример – „требаше повеќе да се ангажирам, морав да внимавам повеќе, требаше да се посвети (да посветиме) поголемо внимание…“ Сите нивни извинувања се некако завиткани во многу зборови во кои има објаснувања, укажувања, образложувања, појаснувања и поставување на околностите на соодветната ситуација, ама во џунглата зборови, извини го нема.
Изгледа нема да ми се оствари желбата британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон да закупи автобус што ќе шета низ Лондон и низ земјата со напис: „Извинете народе, ве лажев кога ви велев дека ако гласате за брегзит јавното здравство ќе заштеди 340 милиони фунти”! Или да го скратиме текстот на автобусот- фотографија на Борис со текст – „Извинете, лажев за брегзит!“
Жал ми е – не ми е жал
Компаниите, пак, понекогаш немаат проблем со извинувањето, ако оценат дека со тоа нема да им се намали профитот и угледот. Други пак преку Гугл инсталираа апликација која од деловната кореспонденција автоматски ги отстранува извинувањата, за да не се сфати тоа како прифаќање вина. Апликацијата се вика, погодувате – „не ми е жал“!
Ако е за некој утеха (а не е), луѓето тешко се извинуваат. Тука во Британија имаат фини манири и велат благодарам и простете, кога прашувате нешто, дури со сори и претеруваат – ќе се удри некој во тебе и ти му велиш сори, зашто, тој те турнал, што има ти да се извинуваш, ама такви се.
Но, за извинување, ако некој ти згрешил нешто, те навредил, а ти со часови, денови, недели, месеци, а во некои случаи и со години го знаеш и мислиш, а никако да слушнеш извини. Не знаеме веќе како? И не само тука. Туку воопшто, насекаде. А луѓето ги сакаат извинувањата. Од ливче со нацртано насмеано лице и напишано извини, преку напишано објаснување со извинување, разговор лице в лице, па се до извинување со евентуално надоместување на штетата.
Недостигот на можности за извинување изгледа беше повод Грета Фон Сустерен, според листата на „Форбс“ од 2016 , 93-тата најмоќна жена на светот да креира онлајн апликација со која преку Фејсбук се извинуваш. Ви се допаѓа? Пробајте. Или чекајте ја Прочка.
Како и да е, луѓето имаат потреба и сакаат да го слушнат зборот извини. Искрено. Шест букви. Или осум. Само да е од срце. Оти фејкот се познава. Прашајте го Штрахе.
„Слободен печат“