Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за Грција и за нејзината финансиска криза (а не сте се осмелувале да прашате?!)? Како дојде до тоа оваа земја членка на Европската Унија да ја доживее најголемата финансиска криза? Сакате да доживеете едукативна и информативна турнеја низ современа Грција и да ги истражите научените лекции (Англичаните многу сакаат да учат лекции) од неодамнешната финансиска криза? Ова и уште многу повеќе…Но…
Попусто, ако читате „Тајмс“, „Дејли телеграф“, „Дејли мејл“ или, на пример, „Слободен печат“. Ама ете, друго е ако читате „Гардијан“.
Грција и еврото
Само на читателите на британскиот весник „Гардијан“ им се понуди единствена можност – за 2.500 фунти по човек, на 31 март годинава, значи в сабота, со превоз во сопствена режија, да отпатуваат во Атина и да ја започнат седумдневната уникатна информативно-едукативна турнеја наречена „Грција и еврото“.
Читателите на „Гардијан“ во Грција ќе ги пречека дописничката на весникот, Хелена Смит, во придружба на локалниот новинар Манос Стефанакис. Турнејата ќе почне на лозјата на Самос, сликовит остров на неколку километри од Турција, а потоа преку предградијата на Атина ќе се стигне до парламентот на престолнината. „Ќе зборуваме со обичните луѓе“, се вели во програмата, „за да видиме што ги направи Грците толку отпорни на сите неволји и искушенија од финансиската криза“. Предвидени се разговори и со невладини организации, бизниси, па дури и со неколкумина политичари, но поранешни.
Екскурзијантите, односно сите оние што платиле 2.500 фунти плус повратен авиобилет ќе имаат можност да поставуваат прашања и сами да си донесуваат заклучоци, се вели во брошурата, каде што има уште детали за ова несекојдневно патување организирано од угледниот британски весник.
Врв на ова е делот каде што се вели: „Истражете ја финансиската криза во грчкиот микрокосмос преку едно од атинските предградија, посетете го пристаништето Пиреја каде што беа бегалците, сретнете се со обичните луѓе и прашајте ги како живеат…“
Едукација со мезе
Го читам ова и не ми се верува – сериозни ли се овие од „Гардијан“? Па уште на чело со дописничката од Атина? Како да се вратиле назад па да подготвуваат локално сафари за учесниците од времето на Комонвелтот? Ова Брегзитот во Британија ги „зафаќа“ луѓето на повеќе нивоа и им буди спомени на некои минати времиња или…?
Ги замислувам Англичаниве во доколенки и сандали, со бермуди и сафари кошули и сламени шапки и фотоапарати, инстант зацрвенети и изгорени од сонцето додека ги шетале по лозјата на Самос, како љубопитно ги загледуваат мустаќлестите Грци во некое од атинските предградија кои Хелена и Манос со сета сериозност ги собрале (и ги платиле, се разбира, да не мислите дека тие 2.500 фунти се само за подобрувањето на финансиската состојба на „Гардијан“) и ги поттикнуваат на психоанализа. Кажи Андони педаки му, како беше кога ти беше најтешко? Сега како ти е, подобро? Ендакси. Како издржа? Како се чувствуваш(е)? (следно омилено прашање на британските новинари). А Андони ги гледа, го сука тоа мустаќот, си ги врти во џеб еврата што како хонорар ги добил за „спонтаниот“ разговор, гледа дали жена му Елени добро ги затскрила паролите од претходниот протест, не оној против скопјаните, туку против НАТО и ЕУ, отпива од узото, каснува од мезето (вклучено во аранжманот) и кажува колку Грците биле принудени да се снајдат зашто Германците не им давале пари. И кажува дека и сега не е најдобро, дека политичарите се корумпирани, дека младите си одат, дека нема работа, се помалку пари. И се обидува да не му се испушти дека на скалата на непопуларност, Британците се само нешто малку помалку понепопуларни од Американците кои со децении водат без конкуренција и едвај чека да си одат гостите.
Ќе се вратат дома Џон, Џорџ, Кејт и Џесика и ќе покажуваат фотографии. Еве тука се Турците на само неколку километри, ама немаат речиси ниту еден остров. Еве тука беа бегалците и уште ги има, тука се обичните Грци кои издржаа глад и сиромаштија, тука се организираат протести и имаше и за името Македонија со северниот сосед. Вондерфул! Д резилиант грикс! Јасу паликари!
И сето тоа едукативно, информативно, автентично, предводено од дописничката на „Гардијан“, само за гардијановци и само за оние со 2.500 фунти. Во аранжманот е вклучен појадок, ручек и вечера. И локален превоз. Повратниот авиобилет што екскурзијантите сами си го плаќаат чини околу 500 фунти. Значи, Грција и евро-екскурзија за околу 3.000 фунти.
Епа, еве идеја за бизнис. „Од прва“ некако не ми се верува дека ќе „пушти корен“ кај другите сериозни весници со сериозни дописници во странство. Ама од друга страна, пак, си велам, и почудни работи се случувале.
Конкуренција
Има и други земји што би можеле да влезат во потесна конкуренција, но еве да речеме… За Скопје има поевтини летови, има винарски визби, има многу невладини, и поранешни политичари што се секогаш расположени да зборуваат за хонорари има исто така многу, а и бегалци имаше. Неколкумина дури и азил побараа па посебно интересен би бил разговорот со нив. За бегалците мислам, не за политичарите, макар што ако се вратат и оние двајцата од Грција, може да има и разговор со нив. А според тоа колку контактни емисии има по македонските телевизии во кои сите имаат и тоа како што да кажат и имаат мислење за сè и сешто, од работното време и цените на пазарите до надворешната политика и геополитичката стратегија на Ким Јонг Ун и ликот и делото на Трамп, не мора во предградија да се оди, може, на пример во центарот на Битола да се прашуваат обичните луѓе што мислат, како живеат и како им е. На здравје!
Па навистина мене ми е чудно што „Гардијан“ досега не ја открил чудесната дестинација – Македонија, за да дознаат гардијанците како тоа издржале обичните луѓе децении живот со конфликти, со постојана финансиска криза и транзиција и корупција и неизвесност.
Ама има време, а можеби и Грците ќе ја спомнат Македонија…
„Слободен печат“