Без политички договор и со засега официјално еднонеделно пролонгирање на решението за проблемот со над 35.000 амандмани за Законот за употреба на јазиците заврши вчерашниот целодневен обид за избегнување на блокада на Парламентот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа се обиде да објасни зошто вчера не дојде до решение за амандманите за Законот за јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик.
Џафери рече дека немало доволно гласови за да продолжи постапката бидејќи некои од пратениците на СДСМ се изјасниле дека нема да гласаат за законот.
Џафери во емисијата „200“ на ТВ Алсат рече дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците без притоа да се прифати разгледување на 35-те илјади амандмани кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе. Според Џафери, ВМРО-ДПМНЕ ќе има право на процедурална забелешка. Предупреди дека Собранието не смее да биде заложник за никого.
Претседателот на Собранието им дал една недела на политичките партии да најдат решение, затоа што можностите што тој ги имал како претседател се исцрпени.
И покрај несогласувањата во врска со решението за над 35.000 амандмани, според Џафери владејачкјата коалиција не е загрозена и ќе продолжат сите процеси кои парламентарното мнозинство ги има во Собранието, а од кои зависи и функционирањето и поддршката за самата Влада на премиерот Заев.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера посочија било побарано да ги повлечат амандмани што тие одбиле, дека проблемот за непочнување на седницата настанал помеѓу ДУИ и СДСМ.
Пратениците од СДСМ, пак, посочија дека сакаат решение кое ќе биде Деловничко, односно да се отвори дебата за амандманите, а не онака како што предложиле од ДУИ.