Османи ќе ги координира иницијативите од Стратегијата за Западен Балкан

121

Владата на денешната седница го определи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за координатор на шесте носечки иницијативи од новата Стратегија на Европската комисија за Западен Балкан.

„Иако Стратегијата се уште е во фаза на разгледување од страна на телата на Советот и земјите членки на ЕУ, Владата процени дека е важно подготвителните активности за имплементација на активностите предвидени во носечките иницијативи да започнат на време“, информира Секретаријатот за европски прашања.

Владата назначила и секторски координатори за секоја од шесте иницијативи: министерот за правда Билен Салији – координатор на иницијативата за зајакнување на владеењето на правото; заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски – координатор на иницијатива за зајакнато вклучување во безбедноста и миграцијата; министерот за економија Крешник Бектеши – координатор на иницијатива за зајакнување на поддршката на социоекономскиот развој; заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев – координатор на иницијатива за зголемување на транспортната и енергетската поврзаност во регионот и во рамките на ЕУ.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски е назначен за координатор на иницијатива за дигитална агенда за Западен Балкан, а министерот за надворешни работи Никола Димитров – за координатор на иницијатива за поддршка на помирувањето и добрососедските односи.

СЕП соопшти дека Владата го задолжила вицепремиерот Османи до крајот на овој месец да го реализира првиот конститутивен состанок, на кој ќе се дефинира експертскиот состав на носечките групи, нивниот опсег, начинот на работа како и меѓусебното информирање.

„Во работата на секторските групи, во насока на инклузивност, ќе се утврди и соодветна партиципација на претставниците на заинтересираните општествени чинители, вклучително и од граѓанскиот сектор“, наведува СЕП.

На 6 февруари годинава Европската комисија ја усвои новата Стратегија за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ со Западниот Балкан, во која ЕУ значително ќе ја зајакне својата поддршка за процесот на трансформација на земјите од Западниот Балкан. Во рамки на Стратегијата, ЕК предвиде и Акциски план за поддршка на Европската комисија во трансформацијата на Западниот Балкан, како анекс во кој се вклучени шест водечки иницијативи насочени кон конкретни области од интерес за ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...