Оптимизам и воздржаност во Атина и Скопје

258

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во втората половина на месецов треба да пристигне во Скопје и да ја презентира грчката нацрт-верзија за решавање на спорот за името.

Ова го најави премиерот Зоран Заев и додаде дека Коѕијас ќе слета на аеродромот во Скопје и ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а нова рунда за преговарачкиот процес под раководство на медијаторот Метју Нимиц се очекува да биде закажана на крајот на март или почетокот на април.

Заев, на неделната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека нема некое поместување во однос на проблемот со името.

– Имаме најава дека Коѕијас ќе долета третата или четвртата недела од март, каде букавално со неговото доаѓање на аеродромот Скопје ќе може да направат обиди да некако ги приближат ставови, меѓусебно да се информираат, да споделат очекувања или слично, а преговарачкиот процес ќе продолжи под раководство на медијаторот Нимиц – рече Заев посочувајќи дека немаат добиено драфт верзија и оти ја очекуваат првата да дојде со Коѕијас.

Се надева дека по ова прашање може да се изгради национален консензус.

Македонија и Грција ќе се обидат да ги приближат позициите пред средбата со Нимиц, а каква е сегашната состојба во јавноста не се соопштува, а грчкиот весник „Катимерини“ објави за што досега се согласиле двете страни.

Името, опсегот на употреба и акронимите се трите поглавја за кои Атина и Скопје постигнале договор, според грчкиот весник, кој коментира дека преговорите се претвораат во нерешлива загатка и покрај почетниот зголемен оптимизам од Атина.

Грчката влада, како што пишува „Катимерини“, сега се соочува и со опозициската Нова демократија, која бара промена на Уставот, но „Скопје, преку континуираните интервјуа на премиерот Заев, реагира на можноста за промена на Уставот“.

Промена на Уставот и име кое нема да зрачи иредентизам, а ќе обезбеди три гаранции: „не“ за промена на границите, „не“ за етнички заедници вон границите и „не“ за јазик што би настојувал на права вон границите се предуслови за решавање на спорот, кои ги истакна грчкиот претседател Прокопис Павлополус.

Меѓународен договор што ќе доведе до промена на уставните одредби што содржат иредентизам и одредница на името, се предусловите за решавање на спорот меѓу двете земји според новиот алтернативен министер за одбрана на Грција, Фотис Кувелис.

Според „Катимерини“ и покрај потешкотиите што постојат, Ципрас е цврсто посветен на решавање на проблемот, иако знае дека постои опасност за можни проблеми во Владата поради ставот на Панос Каменос.

Во меѓувреме во Грција е најавен протест пред грчкиот Парламент и 48-часовен генерален штрајк. Организаторите на демонстрациите за „одбрана на името Македонија“ во Грција планираат да одржат протест и 48-часовен генерален штрајк во случај евентуалниот договор да биде доставен за пратениците да дадат зелено светло. Тие бараат распишување референдум за ова прашање.

Организациите од грчката дијаспора за 18 март најавија протест пред седиштето на ОН во Њујорк.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...