Општините Прилеп Охрид и Берово лидери во управување со отпад

Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад очекуваат институциите да се вклучат во целосна имплементација на законските решенија кои се усогласени со европските.

692

Само три од вкупно 80 општини во земјава можат да се пофалат дека добро управуваат со отпадот. Останатите немаат покажано волја да преземат одговорност за имплементирање на законските обврски за селектирање и рециклирање на отпад од пакување, собирање на батерии и акумулатори. Ова беше соопштено на денешната прес-конференцијa на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад.

Од Асоцијацијата сметаат дека е добро што Владата одлучи времено да го преземе од општините управувањето со отпадот, со што, сметаат тие, ќе се придонесе за побрзо решавање на проблемот со отпадот.

– Општините Прилеп, Берово и Охрид се позитивен пример за постапување со отпад. Соработката со нив оди многу добро, а тоа мислам дека зависи од волјата на градоначалниците да се имплементираат законските обврски што не би требало да биде така. Дел од општините дури не прифаќаат да потпишат договор за определување на место за кантите за селектиран отпад или ако ги има поставено јавните претпријатија не го собираат – вели Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата.

Компаниите кои управуваат со амбалажен отпад посочуваат и дека најголемиот дел од јавните комунални претпријатија во општините не располагаат со соодветна механизација за да можат да одговорат на поставените обврски.
Ивановски тврди дека законските решенија во земјава се добри и целосно усогласени со европското законодавство, но имплементацијата оди бавно.

– Очекуваме поголема институционална вклученост во спроведувањето на законите. Преземањето на ингеренциите од локалната власт на централно ниво во однос на отпадот многу ќе ја олесни работата. Исто така, добро ќе биде и ангажман на државните институции посебно инспекциите да се сузбие појавата компаниите кои увезуваат производи кои завршуваат како отпад не ги исполнуваат законските обврски да плаќаат за тоа – вели Ивановски.

Ако тоа не се случи, предупредуват компаниите кои управуваат со амбалажниот отпад, нема да може да се исполни обврската до 2020 година 60 отсто од отпадот да биде селектиран и рециклиран.

Посебен проблем во процесот на управување со амбалажниот отпад се неформалните собирачи кои поставените канти за селекција на отпадот ги гледаат како конкуренција и ги уништуваат.

– И овој проблем може да се реши преку формализирање на овие собирачи на амбалажен отпад во рамки на јавните комунални претпријатија и поголема ангажираност на инспекциите – вели Ивановски.

Искуствата од европските земји за овој проблем ќе бидат презентирани на меѓународна конференција што Асоцијацијата ја организира на 13 овој месец.

На годишно ниво во земјава се создаваат 800.000 тони отпад. 50 отсто од овој отпад е влажен отпад кој може да се компостира. Дури 100.000 тони е амбалажен отпад од кој се собира само 30 до 35.000 тони и 15.000 тони е електронски отпад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...