Градежен инспектор при Општина Центар му нареди на градителот Б.И. да го прекине ископот на земја на улицата Партение Зографски на Водно, во рок од 15 дена, поради опасност од свлечиште.
„Овластениот градежен инспектор од општина Центар, по укажување на граѓаните дека поради законски недозволен широк ископ на земја во брдо е доведена во опасност стабилноста и безбедноста на жителите од куќите над Клинички центар, излезе на терен.
По констатираната состојба, инспекторот донесе решение со кое му наредува на градителот Б.И. да ја прекине натамошната градба – широк ископ на земја во брдо, во рок од 15 дена“, соопшти Општината.
Со ископот е загрозена сигурноста на околните градби и стабилноста на околното земјиште. Градбата треба да се усогласи со Законот за градење. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ поднесе барање за мислење до Институтот за сеизмолошки испитувања за да се утврди ситуацијата и да се најде решение за надминување на горливиот проблем на жителите на улицата Партение Зографски.