Завршува одморот за речиси илјада вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Точно 958 лица кои имаат статус административни службеници во овој секретаријат од денеска ќе почнат да добиваат телефонски повици во врска со нивните нови работни места за кои ќе треба да потпишаат договори и за најмногу два месеци се очекува секој од нив да започне со работа во државната институција или претпријатие во кое добил распоредување.
Пред да бидат распоредени, тие најпрво биле консултирани за две-три работни позиции во инситуциите кои би можеле да ги зезамат, па не се очекува дека некој ќе го одбие понуденото место, смета вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика.
Со измените и амандманите на законите во изминатиот период, надлежните велат дека создале услови овие вработени да можат да се распределат не само во административната служба, како што беше случајот до сега, туку и во институциите од јавниот сектор.
– Мислам дека доста одмараа, време е да се посветат на работата – рече вицепремиерот Лика.
Ова ќе им е претпоследна шанса пред да добијат отказ. Во случај да одбијат, објасни министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, тие ќе бидат префрлени на трансфер листата во неговото министерство. На таа трансфер листа ќе им бидат на располагање на сите државни институции кои ќе можат да ги ангажираат. Во моментот кога ќе бидат побарани за преземање, имаат обврска да ја прифатат понудата. Ако го одбијат и тоа, рече Манчевски, тогаш Владата ќе им се заблагодари на досегашните „услуги“.
– Основни критериуми по кои се водевме при распределбата се образованието, работното искуство, моменталната состојба со бројот на вработени во институциите каде се распределуваа и местото на живеење – рече министерот.
Тој вели дека има и такви кои според планот ќе работат на место различно од она на живеењето, но во институции за каде има организиран превоз.
Каков е образовниот профил и каде сега ќе работат, детали се очекуваат во текот на денот. Меѓу нив ги има со различни професии. На пример, имало електро инженер кој кога Манчевски го видел на листата си го зел на работа во неговиот ресор.
Распределбата на 958-те вработени, е само прва фаза, а втората ќе ги опфати останатите од вкупно 1.600 лица. Колку време тие биле вработени, а седеле дома засега нема прецизна информација, ниту за тоа кокава плата земале бидејќи според систематизацијата висината на платата била различна.
Она што се знае е дека биле вработувани во периодот од 2008 до 2015 година во согласност со објавените огласи во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.