Во Охридското Езеро и натаму се влеваат поголеми количини вода од оние што се излеваат,што доведе до ситуација, во моментов, нивото од 693,96 метри надморска височина, да достигне 21 сантиметар над максималната граница од 693,75 метри.
Езерото е пред излевање коментираат граѓаните на Охрид, стравувајќи и искажувајќи чудење што и денеска на истекот на езерото во реката Црн Дрим беа отворени само две порти.
Деновиве во Охридското Езеро има прилив од 140 метри кубни во секунда вода или на дневно ниво водостојот на езерото расте за два до четири сантиметри.
Тони Маркоски, раководител на сектор во ХЕС Црн Дрим, објаснува дека максималниот испуст што може да се направи од езерото е 75 метри кубни во секунда, а тоа значи дека во моментов се испуштаат 20-30 проценти од таа вредност.
– Втор месец, двете хидроцентрали на ХЕС „Црн Дрим”, ХЕЦ „Глобочица” и ХЕЦ “Шпилје” работат со полн капацитет и го испуштаат максималното дозволеното ниво на вода што може да пројде низ турбините – нагласува Маркоски.
Улогата на ХЕС „Црн Дрим“ е да го регулира нивото на води и да балансира меѓу нивото на Охридското Езеро, но и нивото на Црн Дрим кое може да предизвика поплави во Струшко поле и во селата покрај реката.
До 1965 година Охридското Езеро воопшто не беше регулирано, а откако почна регулацијата е спречено поплавувањето.
За да се испуштаат поголеми количини вода низ преливните испусти потребна е дозвола од Министерстовто за животна средина и другите надлежни органи.
Веле Митановски