Обилните врнежи од дожд и покачената температура доведоа до интензивно топење на снегот и зголемен водостој на реките од охридското сливно подрачје, што предизвика исфрлање на големо количество тиња, трска и цврст отпад на брегот на Охридското Езеро.
Екипи на „Охридски комуналец“ викендот спроведоа вонредни активности за собирање и транспорт на исфрлениот отпад на Кејот на езерото во градот при што се отстранети големи количества трска, но и тешко разградлив цврст отпад како пластична амбалажа, најлонски кеси и картон.
Временските прилики и ветерот придонесува на површина на езерото да исплива се она што луѓето од негрижа го фрлале во реките и во езерото, така што од јавното претпријатие најавуваат дека активностите за чистење на брегот ќе продолжат и во наредниот период.