Од каде потекнувамe, што сме и каде одиме?

Од каде потекнуваме? Од античка Македонија! Што сме? Вечни фиданки никнати од Александровото семе! Каде одиме? Никаде, се разбира! Идејата да им се дозволи на мајмуни да управуваат со македонскиот културен експеримент се покажа катастрофална за експериментот!

1039
grcev

Големиот француски сликар Пол Гоген, во деведесеттите години од деветнаесеттиот век, избегал далеку од зовриениот Париз, од семејството и урбаниот живот, барајќи го рајот на земјата во далечното Тахити, каде што мислел дека во девствената островска средина ќе може да ги најде одговорите на основните прашања за потеклото и смислата на човековото постоење. Спомен на оваа фаза на Гогеновиот живот е една од најзначајните слики во неговиот опус, на која уметникот ги напишал трите детски прашања, што веројатно му проаѓаат низ глава – во одреден миг од животот – на секој замислен човек. Прашањата гласат: „Од каде потекнуваме?“, „Што сме?“ и „Каде одиме?“.

Одговарајќи на овие прашања во својата книга „Куса историја на напредокот“, Роналд Рајт наведува дека науката практично одговорила на првите две прашања: ние потекнуваме од некои мајмуни што пред пет милиони години ја населувале Африка, така што денешните примати се наши роднини, а не предци. И, најголемата разлика помеѓу шимпанзите и нас не е од биолошка или генетска природа, туку во фактот дека последните три милиони години нив ги обликувала природата, а нас – во сè поголема размера со текот на времето – нè формирале влијанијата на нашата сопствена култура.

Модифицирани мајмуни  

Човечката култура, а не разумот, е она што дистинктивно нè дефинира како вид. Културниот експеримент е практично процесот што почнал доминантно – и преку секоја мера – да „управува“ со биолошката еволуција на планетата Земја. Природата на овој експеримент и неговата несопирливо зголемувачка магнитуда, веќе одамна дава јасни знаци дека е вон секаква рационална контрола, и дека – ако „напредокот“ на човечките усилби продолжи уште малку во досегашната насока – најверојатно ќе ја уништиме планетарната биосфера на начин што може да се спореди само со удирот на астероидот што пред 65 милиони години ги „збришал“ диносаурусите од површината на земјата. Како што вели Рајт, Природата ќе мора да слегне со рамениците и да заклучи дека тоа што им дозволила на мајмуните да управуваат со лабораторијата, можеби едно време било забавно, но дефинитивно се покажало како лоша идеја.

Се чини како истата трагична структура да ја одликува и драмата на македонскиот културен и државен експеримент. Кога еден непристрасен истражувач би застанал на централниот плоштад на македонската престолнина, во сенката на чудовишниот споменик на Александар Велики, без секунда двоумење би заклучил дека се наоѓа во точката кадешто митската оска на македонското самоспознавање вертикално ја прободува планетата, емитирајќи ги во вселената одговорите на најважните прашања за нашето потекло, идентитет и државотворност. Од каде потекнуваме? Од античка Македонија! Што сме? Вечни фиданки никнати од Александровото семе! Каде одиме? Никаде, се разбира! Можеме да бидеме сигурни дека непристрасниот истражувач, исправен пред толку безумно инфантилен – и некадарен, и бездарнички! – одговор на најважните онтолошки и есхатолошки прашања за македонскиот културен експеримент, како што е тоа пластичната инсталација што нè идентификува како најглупавата групација културно модифицирани мајмуни во вселената; дека тој – истражувачот – бездруго ќе слегне со рамењата и ќе помисли исто што и Природата во Рајтовата метафора: идејата да им се дозволи на мајмуни да управуваат со македонскиот културен експеримент се покажа катастрофална за експериментот! Македонските културни вредности од минатиот век се збришани како некогаш одамна диносаурусите. Споменикот на Александар Велики кој кичерски патетично повикува на божествените височини, сурово ја исцртува најниската – и завршната! – точка на македонскиот културен експеримент. Таа неартикулирана грутка метал, камен и бетон е, всушност, отелотворената точка на тој неуспешен проект. Или, како што Честертон ја коментирал „големата драма“ на човечкото потекло: „Ако не е вистина дека некакво божествено суштество паднало од небото, тогаш единственото што може да се рече е дека едно од животните потполно се поместило од памет.“

Културна катастрофа

И, кога стасавме до потполното помрачување на разумот, неверојатниот пад на режимот на ВМРО (кој од геополитички аспект и не е толку неверојатен), ги отвори прозорците на нашата надеж: помисливме сите, со поматена свест од радост, дека е можно да го свртиме уништувачкиот тек на ентропијата македонска во обратна насока! Во состојба на стеснета перцепција на стварноста – кога очајниот разум и отстапува место на ирационалната надеж – се понадевавме дека ќе можеме самите на себеси, и на целиот свет, да ја демантираме реалноста за историскиот крах на нашето достоинство и за срамниот губиток на паметта што доведе до пропаст на националниот идентитет и самоспознавање!? Но, не: неспособноста да се справиме со културната катастрофа наречена „проект Скопје 2014“, и да го исчистиме Александар од нашиот јавен простор и од нашата национална лична карта, нè враќа неумитно во нашата реалност, во јамата на нашата безнадеж. Секој ден што ќе осамне со тој срам на плоштадот Македонија, само ја продлабочува нашата мизерија! Во надолни историски тенденции, статус квото работи против жртвите на ентропијата, па така и опстојувањето на споменикот на Александар уште повеќе ја комплицира нашата позиција, преклопувајќи се со преговорите за спорот за името. И, да парафразирам еден голем поет и хуморист од соседството: тешко е да се биде Македонец, но доцна!

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...