Обвинет за „шамарите” фатил ларингит, СЈО бара да го затворат и таму да пие амоксиклави

Судот го одби предлогот на СЈО и поради неисполнети услови ја откажа главната расправа која треба да продолжи на 3 април

2219

Еден од обвинетите во случајот за насилството во Општина Центар, Милан Андоновски, не се појави на денешното рочиште бидејќи е на боледување од 9 март поради ларингитис – инфекција на гласните жици.

Другите обвинети, меѓу кои и Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова беа присутни во судот.

Адвокатите како доказ приложија и лекарска потврда издадена од матичен лекар по препорака на специјалист од Клиниката за уво, нос и грло. Во неa се препорачува дека Андоновски не треба да има физички напор.

На ова реагираа од Социјалното јавно обвинителство (СЈО) посочувајќи дека на истиот обвинет ова му е трет пат како не се појавува во судница, најпрво не дал образложение, а вториот пат пак било поради здравствени причини.

– Обвинетиот очигледно избегнува да дојде на главната расправа. Заради непречено одвивање на расправата предлагам да му се изрече притвор за да се обезбеди и непречено да се води постапката – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Нејзиниот колега од СЈО Гаврил Бубевски пак рече дека притворот нема да му го попречи лекувањето и оти нигде во лекарската потврда не пишува дека не смее да дојде во судница.

– Овде нема да копаме, па да има физички напор – рече тој, додавајќи дека обвинетиот и во затворот во Шуто Оризару ќе си ги прима амоксиклаците кои, како што рече, ги пијат пола од присутните во судницата.

– Имале можност да извадат некое друго лекарско уверение, барем во него да ставале дека има и температура- посочи Бубевски наведувајќи дека станува збор за очигледно одолговлекување на постапката.

Адвокатот на Андоновски, Димитар Дангов,  побара СЈО да не покажуваат нервоза и да не се лутат.

– Да го почитуваме неговиот право на здравствена заштита. Никој во оваа судница нема право да каже дека здравјето не му е нарушено. Ако го прифатите предлогот за притвор стравувам не само за него, туку и за сите граѓани бидејќи боледување ќе биде причина за притвор – рече Дангов.

Судот го одби предлогот на СЈО и поради неисполнети услови, ја откажа главната расправа која треба да продолжи на 3 април.

На денешното рочиште требаше да сведочат поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски и две вработени во општината во 2013 за време на насилните протести.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...