– Северна Македонија го доби најпозитивниот извештај од страна на Европската Комисија досега, кој беше целосно прифатен и од страна на Европскиот совет, без никакви додадени услови и нови бенч-маркови, и затоа, јас сум уверен дека во соодветната временска рамка – октомври оваа година, Советот ќе ја потврди одлуката од минатата година, и ќе ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската Унија – посочи Османи.
Според него и денешниот настан е токму во оваа насока. -На нашите пријатели од ЕУ да им го покажеме Скопје, не само како политички центар кој во иднина ќе биде дел од метрополите на Европската унија, туку и како туристички центар, град со исклучително богата историја, кој во вистинска смисла на Унијата ќе ѝ донесе цивилизациска и историска вредност, истакна Османи, посочувајќи на Старата скопска чаршија, како симбол за разноликоста на целата земја, за нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, вистинска гордост на скопјани и сите граѓани на Република Северна Македонија.
Малиќи истакна дека за разлика од традиционалниот, модерниот туризам е непрекината потрага по нови, интересни и оригинални, приказни.
-Нашата земја можеби е мала, но речиси сите што дошле во неа, си заминале со приказни чија големина не може да се измери, туку единствено може да се доживее, и потоа да се прераскаже. Таква знаменитост е скопската чаршија, но и други локалитети од различни историски периоди и култури, кои во Скопје ги има многу, нагласи заменик градоначалникот на град Скопје – Енвер Малиќи,
Притоа посочи дека туризмот учествува со 10 проценти во глобалниот бруто домашен производ, а со пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија, земјата уште повеќе ќе ги претстави своите огромни потенцијали во овој сектор.
Туристичката тура започна пред МК-ЕУ Инфо Центарот на СЕП на градскиот плоштад, и продолжи во Стара скопска чаршија каде професионален туристички водич им ги презентираше позначајните локации и знаменитости на градот: Камениот мост, плоштадот „Мајка Тереза“, паркот „Ибни Пајко“, Даутпашиниот амам, црквата „Св. Димитрија“, плоштадот „Скендер-бег“, Чифте амам, Сули ан и џамијата Ќосе Кадиа, а прошетката заврши со традиционално турско кафе и чај во локалите на чаршијата