Опозициската ВМРО – ДПМНЕ бара да се повлече Законот за урбанистичко планирање кој досега собра повеќе од 200 амандмани затоа што се предложени скандалозни решенија.
Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ на Комисијата за транспорт и врски во Собранието на Република Македонија ја критикуваше можноста Владата да изработува Детални урбанистички планови, што е, како што рече, надвор од секоја логика.
– Да се донесе закон каде не се почитуваат начелата врз кои што тој се потпира исто така е непринципиелно. Генерален урбанистички план да се носи без јавна расправа и без анкета и тоа е преседан. Несоодветна е и неусогласеноста на законското решение со други законски решенија, Законот за зеленило, Законот за природа, Законот за културно наследство. Критериумите за една градежно земјиште или парцела ги нема во законското решение. Тоа значи дека се сака да се донесуваат со подзаконски акти кои што ги донесува министерот за транспорт и врски што претставува уште еден преседан. Заради сите овие недоследности кои што ги имаме во законот за урбанистичко планирање, заради тоа што сметаме дека ваквиот закон наместо проактивен, ќе биде кочничар при неговото имплементирање во процесот на урбавизирање и планирање на просторот јас го замолувам министерот да го повлече законот за доусовршување и доработење – побара пратеничката Затуровска.
За овој закон, досега има 235 амандмани кои се поднесени пред се од пратениците на мнозинството.
Според Затуровска, од сегашното предложено решение корист ќе има само урбаната мафија.
– Ако законското решение треба да претрпи промени 30 отсто од неговата материја, тогаш треба да се повлече и да се изработи друго законско решение. Во овој случај преку амандманите материјата трпи промена од 90 отсто. Вие правите преседан кој што во урбанизмот и градежништвото ќе донесе хаос. Ќе има вакум простор бидејќи нема закон за просторно планирање. Урбаната мафија ќе цвета во Република Македонија. Повлечете го законот и ќе се формираат групи за заеднички да го усогласиме законот – побара Затуровска.
Министерот Горан Сугаревски одби да го повлече законот и предложи амандмански да се реагира на содржината преку работни групи.
Реагираше и пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска. Според неа амандмански е невозможно да се подобри законот и од тие причини и таа побара законот да биде повлечен.