Неколку здруженија и иницијативи од Југоисточна Македонија објавија дека покренуваат граѓанска иницијатива во овој регион да се прогласат за национални паркови планинските комплекси Беласица – Огражден и Кожув, како и Дојранско Езеро. Информацијата за оваа иницијатива завршува со ентузијастичкиот апел: „Народе, да го направиме ова!“
Ако меѓу иницијаторите навистина има, како што се вели, „истакнати поединци и стручњаци од соодветни струки од споменатите општини“, чудно ми е тие луѓе да не знаат дека народот не е тој што прогласува национални паркови. Тоа е прерогатив на државата. А таа, државата, не одлучува арбитрерно и според народната волја (иако мотивираноста на населението не е неважен фактор), туку според цврсто определени критериуми пропишани уште пред половина век.
Никој не ги исполнува критериумите
Сосема накусо, за национален парк може да биде прогласено релативно големо подрачје (најмалку 1.000 хектари), со особени својствени карактеристики, со еден или повеќе екосистеми што не се материјално видоизменети со експлоатација и со населување од човекот, каде што растителните и животинските видови и геоморфолошките карактеристики се од особен научен, образовен и рекреативен интерес и кои содржат природни предели со значителна убавина. Во вакви подрачја, државата спречува населување и каква било експлоатација на природните ресурси, било во име на спорт, риболов, управни потреби, сместување, услуги и слично, во целата област. Државата налага строго почитување и заштита на еколошките, геоморфолошките и естетските особености поради кои областа е прогласена за национален парк. На посетителите им се дозволува влез под посебни услови, за образовни, културни и рекреативни цели.
Сево ова денес може да се прочита и на Википедија. Јас, пак, го научив одамна, кога како млад новинар пишував за никогаш неостварената иницијатива Шара да стане наш четврти национален парк, покрај Пелистер, Маврово и Галичица. Младите и грлати екологисти треба да научат дека клучниот фактор за неуспехот на таа тогашна иницијатива беше токму отпорот на локалното население – кога луѓето разбраа какви ограничувања за нив би донело прогласувањето на Шара за национален парк (на пример, забрана за легална сеча на шумите), иницијативата пукна како меур од сапуница.
Многу години подоцна, кога се заљубив, а подоцна и се населив во кањонот Матка, веќе бев свесен дека најмногу што можеме е да се избориме овој митски простор да добие статус на заштитено подрачје, како природна реткост, но и поради некои битни духовни карактеристики на просторот, за потоа да смислиме концепт за одржлив развој на ова подрачје. До денес ништо од тоа не е направено.
Но, да се вратам на темата што ја покренаа еколозите од Југоисточна Македонија. Секој што макар и површно ги познава предложените локации за национални паркови (Беласица – Огражден, Кожув и Дојранското Езеро), со мала анализа на карактеристиките на просторот, ќе сфати дека овие локации ни приближно не ги исполнуваат условите да бидат прогласени за национални паркови. Станува збор за релативно урбанизирани и делумно девастирани подрачја. Дополнително, ако на локалното население што живее во близина на овие локации му се објасни режимот на живот во близина на национален парк, тоа прво ќе се спротивстави на иницијативата. Во тоа никој да нема дилеми.
А ако сакаме да бидеме искрени до крај, би морало да се каже и следново: кога денес Пелистер, Галичица и особено Маврово би биле во ситуација да „аплицираат“ за статусот национален парк, многу тешко би го добиле. Урбанизацијата и загрозувањето на екосистемите со децении се толерира од државата, како што се толерира и загрозувањето на Охридското Езеро, кое е под посебна заштита на УНЕСКО, но и под постојана закана да го изгуби тој привилегиран статус.
Клучниот збор е – одржлив развој
Коректноста, сепак, ми налага да го кажам следново: една од трите предложени локации, до пред извесно време, ги исполнуваше базичните карактеристики да биде прогласена за национален парк. Тоа е Кожув. Но, сечата на шумата, изградбата на патот што не се одржува и другите интервенции во просторот, заради изградбата на бомбастично најавуваниот ски-центар, неповратно ги уништи тие шанси.
Е сега, ако ме прашате мене, меѓу прогласувањето на Кожув за национален парк и изградба на ски-центар, јас без двоумење гласам за втората опција. И ако се сеќавате, таа опција и победи. Не сакам да потсетувам на деталите, но во проектот за изградба на ски-центар се вложија инвестиции, државата изгради пат, се направија некакви објекти и слично. За жал, ски-центар на Кожув денес нема. Еве, зимата е богата со снег, а скијање – нема. Велат дека нема ни да има и во иднина. Може ли некој да објасни зошто е тоа така? Ќе нѐ информира некој како и зошто пропадна проектот? Колку пари отидоа јабана? Кој е виновникот? Имаме право да го знаеме тоа.
За крај, ќе го кажам и следново: целосно ја разбирам енергијата и благородната желба на искрените луѓе од југот на Македонија од својот крај да направат еколошки рај. А кој не сака? Но, време е, ако се сериозни, а не само полни со неоправдан ентузијазам, тие луѓе да се соочат со некои ноторни факти. Освен пропаѓањето на проектот „Кожув“, тие мора да се соочат и со вистината дека самите го упропастија Дојранското Езеро – и тоа не кога му се закануваше пресушување, туку обратно, кога езерото се наполни со вода и ги полеа нивите што во меѓувреме беа никнале покрај повлеченото езеро, ниви полни со ѓубрива (некои велат, крајно сомнителни ѓубрива). Кој го дозволи тоа? Не, драги мои, после таква катастрофална глупост, вклучувајќи ги и бомбај-плажите со кои се фалеше претходната власт, не постојат ни теоретски шанси ова некогаш златно езеро базично да се опорави во наредните децении, а не, пак, да станело национален парк.
Да сум јас на ваше место, драги мои „непријатели“ од Југоистокот – да, баш така ме нарече еден фејсбукџија, ме нарече непријател на овој регион, хахахахах! – како вистински едуциран енвајорменталист, јас би прочитал нешто или би заминал на некој троа посериозен семинар на кој би се разговарало на темата „одржлив развој“ или на англиски јазик (за полесно да гуглате, ако ништо друго), sustainable development. Ако сте искрени и чесни, наместо викање „ура“ и производство на бош иницијативи, ќе ви се отворат нови видици и ќе дојдете до идеи за сериозни активности кон кои треба да ја насочите вашата енергија.
(Објавено во „Слободен печат“)