Мора под итно да се промени монополискиот концепт на нотаријатот и да се замени со принципот кој се применува во адвокатурата за стекнувањето на адвокатската легитимација.
Во 2006 се донесе Законот за нотаријатот. Во тој период како судија во Основниот суд Скопје 1 покренав иницијатива за колективен протест. Поводот беше следен. Именуваните триесетина нотари за град Скопје во таа година добија од Основниот суд Скопје 1 и Скопје 2 околу 200.000 судски предмети. Во просек секој од нив доби по околу 6.500 судски предмети. Според тогашната тарифа за награда на нотарите, најниската награда за нотарот за заверка на еден спис изнесуваше 270 денари или 7 германски марки (ГМ). Еден нотар во текот на една година само од добиениот фонд на судски предмети можел да заработи околу 45.000 ГМ.
Во тоа време годишната плата на еден судија изнесуваше околу 6.000 ГМ. Овој двоен аршин на државата, не предизвика никава реакција во судската фела која беше понижена од страна на извршната власт. Мојот обид за реакција заврши безуспешно. Никој од судиите не застана зад мојата замисла.
После 23 години овој тренд на напредок на нотарите достигна фрапантни размери. Според последните податоци изнесени во медиумите, сите нотари во Р. Македонија во последните 5 години оствариле вкупен приход од 90.000.000 евра.Тоа значи дека секој од околу 180 нотари во просек секоја година остварувал приход од околу 100.000 евра. Денес годишната плата на еден судија на Врховниот суд на РМ е околу 12.000 евра.
Моето стравување во 1996 ми се потврди после 23 години и не ме прави среќен, туку напротив. Судијата е главна карика во заштитата на основните човекови права и слободи, а нотарот е државен службеник кој треба да врши административно- технички услуги на граѓаните. Изнесените бројки укажуваат на една сериозна аномалија во нашиот државен систем кој се заканува уште повеќе да го дестабилизира.
Првичната идеја на Законот за нотаријат, да ги растерети првостепените судови, со тек на време се покажа дека успеа само дебело да го растерети судскиот буџет.
Апетитите на нотарите со тек на време пораснаа и тие со помош на некои професори од Правниот факултет во Скопје и пензиоирани судии успеаја да ги реализираат. На тој начин се зголемија надлежностите на нотарите до таму што тие станаа истурени судски одделенија. Нотарите денес одлучуваат за некои основни човекови права од граѓанската свера.
Адвокатурата е уставна категорија и таа е единствена самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со законите. Затоа, која е намерата на извршната власт за форсирање на нотарската служба со давање надлежности кои по својата природа припаѓаат исклучиво на редовните судови?
Во прашање е строго затворен систем во кој владее селективен пристап во изборот и назначувањето на привилегираната, профитабилна и монополска позиција наречена, нотар.Затоа во именувањето во оваа државна служба на прво место не е стручноста на кандидатот туку неговата партиска припадност. Сето тоа влијае на квалитетот, а со тоа и на сигурноста на правниот промет. Нотаријатот се претвори во институција за вработување на амортизираните политичари.
Отпорот кој го манифестираат нотарите кон адвокатската фела, во настојувањето овие да бидат исклучени од нивното работење, е заснован исклучиво на намерата да ја зачуваат затекнатата монополска позиција. Нивните аргументи се чиста демагогија бидејќи позади патерналистичкиот став спрема граѓаните се крие само намерата да не го делат колачот кој засега е во нивните раце.
Она што е многу поважно од погоре изнесениот судир помеѓу нотарската и адвокатска фела е обидот на извршната власт да ја задржи монополската позиција на нотарите и на ваков начин да направи упад во обезличување на адвокатурата како јавна и независна служба. Податоците за финансиската моќ на нотарската служба наспроти онаа на адвокатската доволно јасно зборува за деградацијата на адвокатурата.
Последиците од обезличувањето на адвокатурата може да бидат од пресудна важност во процесот на санација на правната држава како клучна задача на државата. Нема стабилно и здраво судство ако нема јака адвокатура и обвинителство како главни играчи во судската арена.
Што ќе се случи ако се реализира заканата на адвокатите за штрајк кој би траел неодредено време? Затоа мора под итно да се промени монополискиот концепт на нотаријатот и да се замени со принципот кој се применува во адвокатурата за стекнувањето на адвокатската легитимација.
Дали е случајно тоа што во изминатата година некој нотар добил во работа 19.000 предмети од некое јавно претпријатие? Во игра е голем износ на пари кој се мери во милиони евра. И сето тоа на штета на судскиот буџет од кој приход државата се откажа во полза на нотарите.
Почетната идеја за воведувањето на нотарската служба во Р.М. со цел да се растерети судството се искриви и се трансформира во растеретување на државниот буџет од страна на нотарите , само во последните 5 години за 90.000.000 евра. Овие средства можеа да бидат од голема корист за подобрување на статусот на судската администрација која ја работи таа работа која по својата природа е најблиска до тоа што ја вршат нотарите.
Затоа е потребно веднаш да се пристапи кон редефинирање на статусот на нотаријатот во земјава додека е време и додека не е направена поголема штета, не само на адвокатурата.
Адвокат и поранешен судија Раде Јовчевски