Луѓето што немаат со што да се фалат, се фалат со својата несреќа, вели Франц Кафка. Така и нашиот нов „кафкијанец“, Никола Груевски, се обидува да ја импресионира јавноста со својата несреќа, обидувајќи се да го одглуми Јозеф К. во „Процес“, а излегува смешен, баш како оној млад статист боксер во „Чија си“.
Донекаде мораме да го разбереме Груевски. Веројатно човекот е осамен како никогаш досега. По службена должност, со него се дружат само адвокати, правни советници и кога оди на суд и се враќа дома, камерманите и луѓето зад камерите. Па и тие некако проретчија. А кога човек е сам, како што вели неговиот омилен Кафка, секогаш е во лошо друштво.
Во секој случај, му препорачувам на Никола Груевски, кога веќе го спомнува големиот писател, да го прочита барем неговиот најпознат роман „Процес“. Тиранскиот систем што го прогонува банкарскиот службеник Јозеф К. – уапсен од непознати причини, без да му биде соопштено обвинението, осуден од некаков таен суд со пресуда која исто така нема да му биде соопштена и на крајот егзекутиран – тој апсурден и бесмилосен апарат во Македонија го преслика токму нашиов тазе „кафкијанец“.
Не сакам да бидам злобен, но мислам дека Никола го стигна „божјата правда“ врз сопствената кожа да почувствува како меле еден таков апарат каков што опишува Кафка. Добро, ние сега ќе си го реформираме системот, ама реформата за Груевски може да задоцни. Еднаш за овој човек напишав дека е најголемото зло што ѝ се случило на Македонија од 1945 година до денес. Кон ова можам да додадам само уште еден цитат, имено од Кафка – злото може да го заведе човека, но не може да стане човек.
На крајот, пријателски ќе го посоветувам Груевски сепак да не се обидува да се идентификува со Кафка или со некој од кафкијанските ликови. Зашто, не дај боже, наместо со филозофските и книжевните аспекти на овој контроверзен автор, има многу површни и злобни луѓе што би можеле да посакаат Никола да го поврзат со тажната судбина на Франц, односно со фактите за неговата патолошка врска со доминантниот татко, со неговото страдање од клиничка депресија и социјална анксиозност, со нападите на бес и со другите заболувања создадени од прекумерен стрес и напор.
Држи се ти до процесите, Никола, ама не претај многу. Може да ќариш и условна…