… Далај Лама верува во реинкарнација, децата сеуште веруваат во Дедо Мраз, а мисиците по правило во светскиот мир. Па сепак, покрај сиот авторитет на горе споменатите, ниту едно од овие верувања емпириски не е докажано. Следствено, и левичарската верба на премиерот е само негова верба. Во неговите „левичарски министри” Aнѓушев и Тевдовски.
Почитуван г.премиер. Во вашата влада имате министри кои откако се назначени за членови во вашиот кабинет, јавно и со гордост истакнуваат дека делеле плати, придонеси и плаќаат данок?
Почитуван г. премиер, обрнете им внимание на тие ваши соработници дека станува збор за законска обврска, а не за донација, знак на добра воља или услуга која и ја прави некој на државава.
И сега оној што заработува повеќе, плаќа повеќе. 10% од 10 000ден и 10% од 100 000ден, не е исто, барем што се однесува до математиката.
Г. премиер, каква дебата да развиете, која категорија граѓани да вклучите во истата, вие имате министри кои како да живеат во ресторани, кафеани и хотели, барем според сметките кои се плаќаат од буџетот.
Координаторот на пратеничката група на партијата чиј претседател сте, сѐ уште го усогласува евентуалниот правилник за патните трошоци на пратениците – да беше алхемичар, досега ќе го пронајдеше дури и каменот на мудроста.
Почитуван г. премиер, ги поддржуваме оние кои добронамерно ви сугерираат дека ние граѓаните немаме доверба во институциите на системот, дека вие сте тој што треба таа доверба да ја изгради одново. Кога ќе го направите тоа, ние пак добронамерно ке ви сугерираме дека треба да го оданочувате капиталот, а не трудот и времето.
(aвторот е член на Управувачкиот комитет на Граѓанско демократската унија-ГДУ)