Ни требаат луѓе што ќе гризат

Изборот на новата Антикорупциска комисија мора да биде направен со мерки за „специјален надзор“, со можност секој нејзин член добро да се протресе, пред да добиеме некакви квалификувани анонимци кои би заминале на некаков, партиски, заслужен одмор во ДКСК.

3311

Колективните оставки во Државната комисија за спречување на корупцијата наидоа на рамнодушен прием во јавноста. Како кога ќе отворите стара тегла со кисели краставички: устата, инстиктивно, ви се собира од самото сеќавање на киселкастиот вкус на краставичките, иако знаете дека овие се омекнати, со поминат рок на траење, за фрлање. Не ги жалите.

И овие од ДКСК беа одамна скиселени, за фрлање.

Симптоматично е што никој во јавноста нешто посебно не се претргна да ги земе во заштита нашиве неславни антикорупционери. Обично, да беа навистина политички притисоци во прашање, барем некоја ќорава амбасада или некоја подзаспана невладина организација ќе се јавеше со збор-два протест… Ништо. Дури и ВМРО-ДПМНЕ си има поважна работа.

До сега, најзрела е изјавата на членот на Комисијата Сејди Халили кој си поднесува оставка додека, практично, ги читате овие редови: „Оставката не доаѓа само од притисокот (на јавноста), туку поради тоа што сакаме да отвориме пат за новите сили, луѓе и политки. (…) Според мое мислење, сите би требало да си дадеме оставка, да се објави конкурс или тоа да го реши новата влада. Треба да се избере нов состав, за да се борат против корупција на свој начин.“

Оваа изјава е многу подостоинствена од калкулантството „во заминување“ на последниот (Игор Тантуров) и на оној пред него (Горан Миленков) претседатели на Комисијата, кои во своите оставки наведуваат дека се повлекуваат „од здравствени причини“. Единствените здравствени потешкотии на кои јас можам да се сетам во врска со овие двајца е дека со години ги болеше таквоото за состојбата со корупцијата во земјава. Можно е таа болка во препоните толку да се зголемила, што станала неиздржлива; а можно е и оваа формулација да има врска со правната основа за барање апанажи што треба да им ги одобри надлежната собраниска комисија што ја претседава Илија Димовски. Најверојатно ќе си плаќаме уште цела година за нивната препонска болка, оти многу истоштени и потресени си заминуваат од високите функции, па не се во состојба да си најдат работа за приходи без апанажа.

А Халили е во право: на Македонија ѝ треба нова политика, нова борба со корупцијата во државата. Бидејќи, просто е неверојатно како и новите генерации на трошачи на јавните пари, овие што едвам се навлезени во некоја трета деценија од животите, а седат по државни канцеларии, веќе имаат развиено чувство дека државата им е омразена маќеа што треба да се одере додека се може, оти секако оние по нив, како и оние пред нив, тоа не пропуштаат да го прават.

Затоа, изборот на новата Антикорупциска комисија мора да биде направен со мерки за „специјален надзор“, со можност секој нејзин член добро да се протресе, пред да добиеме некакви квалификувани анонимци кои би заминале на некаков, партиски, заслужен одмор во ДКСК.

Предлагам, покрај собраниската процедура, и невладиниот сектор од оваа област да направи некаква анкетна комисија на која ќе ѝ биде овозможено да ги распраша новите антикорупционери за нивните минати активности и идни намери во оваа сфера. Просто, толку да ја подигнеме цената за членувањето во тоа независно контролно тело, што само најмотивираните и најдобрите да можат да поминат. Па да видиме, потоа, дали ќе гризат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...