Материјалите во Државиот архив не се оштетени, а изградбата на нова зграда за оваа институција е најдоброто можно решение, тврди министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска.
Одлуката е донесена, но колку ќе чини засега не се знае.
– За тоа колку тоа ќе чини изградбата, веќе го задолживме Државниот архив да ги обезбеди тие информации и во соработка со Министерството за финансии да се изнајде начин за финансирање на истото со изготвување на финансиски и акциски план – рече Апостолска.
Исто така, од Архивот треба да се изјаснат и за локацијата.
Министерката тврди и дека при поплавите не се уништени документи од 13 век и историски важни датуми како што објавувале медиумите. Владата, посочи таа, веднаш формирала комисија која направила увид. Од Илиненска бр.2 тврдат и дека моментално документите се сигурно и не постои опасност за уништување. Дел се чуваат во депото на старата зграда на Архивот, а другите во метални кутии во новиот објект во згадата каде е и Археолошкот музеј.
Враќање во старата зграда во која порано се наоѓаше оваа институција, според Апостолска, е невозможно бидејќи уште во 2012 таа била доделена на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од тогаш се направени адаптации на просториите, направени биле лаборатории, истражни центри според стандардите кои се бараат за реформи во правосудството итн. За тоа биле користени и пари од фондовите на Европската Унија. Друга причина е и тоа што таа зграда повеќе нема да може да ги задоволи капацитетите кои му се потребни на Државниот архив бидејќи располага со огромна документација.