За еден, сѐ уште нерешен, но не и нерешлив проблем, ќе зборувам отворено и, бездруго, добронамерно, бидејќи јавноста има право детално да знае на кој начин власта го оцрнува образот на нашето општество во очите на напредните демократии.
На сите ни е познат слоганот со кој владеачката партија ги доби изборите: „живот за сите“! Актуелниов претседател на владата, во мај 2017 г., најавувајќи ги внатрешните реформски процеси, настапи со зборовите дека ќе составува, а нема да крши, дека земјата е зрела за водење нов начин на политика и ќе биде држава на сите граѓани, завршувајќи со клучната реченица: подавам рака кон секого.
Нека биде кристално бистро дека дури и да го реши проблемот со името, државава не ќе може да смета на посакуваните интеграции, без претходно обезбедување на основните цивилизациски вредности за и заради своите граѓани! Токму затоа, јавноста има право да биде информирана за следново: после горепредочените зборови на претседателот на владата, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), на 16 ноември 2017 г., едногласно донесе пресуда со која констатираше дека нашата држава, со одбивањето да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија (ПОА), го прекршила членот 11, кој гарантира слобода на собирање и здружување, во врска со членот 9, кој гарантира слобода на вероисповест. ЕСЧП неспорно утврдил дека Р. Македонија ја попречува токму слободата на вероисповест на дел од своите граѓани!
Јавноста има право да биде известена дека пред ЕСЧП се водат уште неколку слични предмети против Р. Македонија, само заради тоа што државата си поставила за цел да го штити монополот на МПЦ, на сметка на останатите, што не е неопходно за едно демократско општество. Претходно, домашната јавност беше дезинформирана дека на МПЦ ѝ се наметнува супститут црква, но денес, истата јавност нека знае дека ЕСЧП недвосмислено констатира: ПОА не само што нема индиции да се идентификува со МПЦ, туку, напротив, изрично настојува да се дистанцира од МПЦ.
Граѓаните на Р. Македонија, чиј углед трпи заради непочитувањето на законите од страна на државата, имаат право на увид во оценката на ЕСЧП во однос на ПОА, согласно на која должноста на државата за неутралност и непристрасност била некомпатибилна со овластувањето што си го припишала да ја цени легитимноста на верските убедувања и начинот на кои тие се изразуваат! ЕСЧП согледува дека МПЦ е од голема важност за приврзаниците на МПЦ, но недвосмислено заклучува дека во едно демократско општество, сето тоа не може да ја оправда мерката – одбивање на регистрацијата на ПОА! Граѓаните имаат право да се запознаат со аспектот на ЕСЧП, кој потенцира дека улогата на државата во ситуација на конфликт помеѓу или во рамките на верските заедници не е да се отстрани причината на тензиите со елиминирање на плурализмот, туку да се осигура дека верските заедници се толерираат едни со други (државата осумпати го затвораше архиепископот Јован, рушеше храмови на ПОА, тепаше свештеници и монахињи, а судските спорови сѐ уште траат; ПОА не возврати со насилство). Затоа, ЕСЧП вели дека одбивањето на регистрацијата не може да се оправда со идејата за превентивни мерки, независно од тоа колку шокантни и неприфатливи можат да бидат за властите определени ставови или зборови на одредена верска заедница. ЕСЧП уште констатира дека ПОА не се залага за употреба на насилство или антидемократски средства за постигнување на своите цели. Конечно, ЕСЧП заклучува дека причините, поради кои државните институции ја одбиваат регистрацијата на ПОА, во целост се нерелевантни, недоволни и не можат да се прифатат како неопходни во едно демократско општество за да се оправда интервенцијата на власта при спречувањето на регистрацијата на ПОА! Така вели цивилизираниот свет!
Од Големиот судски совет на ЕСЧП добивме известување дека владата одлучила да се жали на гореобразложената одлука на ЕСЧП и да поднесе барање за преиспитување на истата. Се разбира тоа е легитимно и неоспорливо право на владата. Сепак, се надевам дека жалбата до Големиот судски совет на ЕСЧП истовремено не значи и стопирање на внатрешните реформски процеси во однос на верските слободи, та со тоа и дополнително варваризирање на нашава демократија, кога станува збор за остварувањето и почитувањето на религискиот плурализам. Чинам, подобро е власта, самата да има свест за вредноста на верските слободи, отколку свеста да ѝ биде наложена! Се надевам дека барањето да се преиспита одлуката на ЕСЧП не е спротивно на зрелоста на земјата да води политика на нов начин, да составува, а не да крши. Се надевам дека еден убав, сончев ден, ќе имаме држава за сите граѓани и подадена рака кон секого, дека животот, од аспект на човековите права и слободи, ќе дојде за сите и ќе се разликува од смртта. Дотогаш, со глас на труба, ќе ја спомнуваме досетката на философот Талес, кој велеше дека животот во ништо не се разликува од смртта! Некој го праша: „Ако е така, зошто не ја претпочиташ смртта“? Философот одговори: „Токму затоа што не се разликува од животот“!