Првиот посериозен протест пред Владата по падот на режимот на Никола Груевски (ако не се сметаат протестите поради загадувањето), како што е ред, го одржавме ние, новинарите. Мотивот беше силен – нашиот колега Насер Селмани, кој истовремено е и претседател на Здружението на новинарите на Македонија, беше жестоко нападнат од функционерот на ДУИ, Беќир Асани, а во интервјуто на порталот Мактел, во кое Асани требаше да се „испере“, тој го навреди колегата, нарекувајќи го „копиле“.
И така, една поголема група, на мое задоволство главно искусни „копилиња“, се собравме пред ружната влада (навистина е ружна), за да им кажеме на новите луѓе во кабинетите дека нивна обврска не е да пишуваат соопштенија со осуди, туку веднаш да ги замолчат насилниците. Ми се допадна пораката што колегата Насер им ја испрати на новите дечки во Владата – не испративме еден режим, рече тој, за да дочекаме нов!
Е сега, како што забележаа колегите, протестот покажа и нешто друго – дека работите навистина многу се измениле во однос на порано. Дека има разлика, има. Порано, на вакви протести, како што е ред, нѐ дочекуваа со кордони полиција. Сега нѐ дочекаа со отворена капија. А ние, изгледа без потреба, го блокиравме сообраќајот половина час. Можевме да си влеземе во дворот на Владата и таму да си протестираме.
Освен тоа, на протестот ни дојдоа министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, портпаролот Миле Бошњаковски, Зоран Бојаровски и Петрит Сарачини. Дојдоа да ни пружат поддршка. И види што ти е тренинг, мајку му стара… Кога ги лапнаа микрофоните и кога ги навртија на себе објективите на камерите, овие „транспарентниве“ буквално ги засенија организаторите Тамара Чаусидис и Насер Селмани. Ги победија на минутажа.
Не чув баш што зборуваа „транспарентниве“, ама сигурно зборуваа нешто многу убаво, бидејќи сите беа насмеани (и тоа е тренинг), а насмевките се заразни, па после и ние „копилињата“ почнавме да си се смееме и така сите весели си заминавме од протестот, како да сме биле на свадба. Додека зборуваше Насер, барем ги опоменавме луѓево од Владава дека од нив очекуваме дела, а не само зборови на поддршка.
И сега? И сега, тоа е тоа, дами и господо. Сепак, мислам дека Владата ја прими жестоката порака од нас, новинарите, дека не им се плашиме на бандитите од владината коалиција и дека јавното обвинителство мора да реагира во овој случај. Ако не се случи тоа, ќе се потрудиме следниот пат да дојдеме во поголем број и тогаш верувам дека никому нема му биде до смеење.