Национализам или патриотизам: курва или светица

Денес, по 30 години грижа за македонскиот јазик во туѓина, баш се присетив на луцидниот Грличков, кој сакаше неговата урна со пепелта по Вардар да стигне до морето.

966

Му поставивме деликатно прашање на доктор Александар Грличков: „Каква е разликата меѓу националистот и патриотот?”, тој како од пушка одговори: „Иста како меѓу курвата и светицата”. Тоа беше во далечната 1968 година. Тој веќе заминат од Македонија, а пак ние, група ангажирани писатели, само што почнувавме да го освојуваме пазарот на македонскиот јазик.

Тој простор беше запоседнат од српската книга до загрижувачки 90 проценти, од српските весници до очајни 95 проценти. Изгледаше дека ние почнуваме однапред изгубена битка. Бевме торпедирани од повеќе оружја: нашите вазали наголемо тврдеа дека македонскиот јазик е толку слаб што не може да ги одрази квалитетите на светската уметничка галаксија, српските весници пишуваа најгрди приказни за луѓето што ја спроведуваа таа мисија. А на кутриот, мал рахитичен пазар во Македонија беа донесени уште повеќе српски книги и весници. Што да ви прикажувам, тоа беше пресметка меѓу џинови и џуџиња. Инвазија на моќ и ароганција.

Веќе кон средината на 1970 година имав задоволство да се качам во една „каравела“ и во тогашен Ленинград да однесам комплет Одбрани дела во 20 тома од Достоевски во неговиот музеј. Директорката Корагина не можеше да се изначуди: делата на најславниот романсиер објавени на малиот македонски јазик, кој зад себе немаше ни три децении кодифициран и нормиран живот.

Така, благодарејќи му на тоа убаво творечко време, по нови три децении македонскиот јазик стана дом на илјадници вредни книги од целиот свет, вклучувајќи ги нашите драги соседи. Пред осамостојувањето ние, писатели, преведувачи, издавачи, можевме да се пофалиме дека македонската книга веќе задоволува неверојатни 90 проценти од потребите на македонскиот пазар. Таа приказна со весниците не беше толку розова затоа што тие останаа под строга контрола на ќудливата власт. До појавата на „Дневник“ кој за неколку години компензираше децении.

Оваа колумна не ја токмам само во пофалба на тие неколку подзаборавени интелектуалци во политиката, како спомнатиот Грличков, Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски, Ксенте Богоев, кои му дадоа орелски крилја на македонскиот јазик, овозможувајќи го фуриозното издавање книги (замислете, уште тогаш во пазарни услови, за разлика од Грујо), туку и во пофалба на стотици автори и преведувачи што го изведоа подвигот.

Ветрот донесе убаво време, како што испеа Шопов. Беа создадени храбри и силни уметнички дела. На прашањето зошто во Македонија не функционира цензурата, истиот тој Александар Грличков одговори духовито: „Затоа што ние од врвот се договоривме книгите да не ги читаме хоризонтално туку вертикално“. И верно, во другите републики вриеше од забранети книги, додека ние фаќавме храбар приклучок со естетските вредности во Федерацијата.

Денес, по 30 години грижа за македонскиот јазик во туѓина, баш се присетив на луцидниот Грличков, кој сакаше неговата урна со пепелта по Вардар да стигне до морето. Еднаш, пред осамостојувањето, го прашав дали не мислел дека политиката е таа курва што го манипулира национализмот, тој во стил ми одговори: „Цели народи во Африка се испоубија буквално за ништо“. Да се потсетиме: едно време Грличков му беше заменик на Вили Брант во Социјалистичката интернационала, но и одговорен за движењето Полисарио од страна на нашата тогашна држава. Од прва рака знаеше колку е податлив национализмот за разни манипулации.

Меѓутоа, тој интернационалец од наше потекло (со жена Словенка која беспрекорно зборуваше македонски), сепак ќе си останеше со подзината уста од чудата што се во тек: Грција да решава за македонскиот јазик иако таму не можеш да најдеш ни за лек книга напишана или произведена на македонски јазик и второ, амнестирани националисти да им судат на новопечените националисти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...