Откако беше донесен Законот за употреба на јазиците домовите на пратениците од СДСМ се под опсада од страна на членовите на партијата ДПМНЕ под нивна организација и режија. Најновите протести се одржани пред домот на пратеничката Ременски извикувајќи „патриотски“ пароли како „изрод македонски“ и многу други навреди искажани со урлање и врескање! Читам три дена полицијата ги чува домовите на пратениците од СДСМ. Протести имало пред домот на пратеникот Далибор Богдановски во Сопиште, како и пред домот на пратеникот Диме Велковски во скопски Аеродром каде била испишана паролата „Предавник“. Претходно, го запалија возилото на пратеничка од СДСМ Шуманска во Виница, се протестираше во Прилеп пред домот на Хари Локвенец, во Велес прес домот на Панче Иванов, во Демир Хисар и на други места, не верувам дека ќе престанат да го практикуваат својот „патриотизам“ кој мене ми изгледа како типичен идиотизам. Едноставно, партијата ДПМНЕ не може без насилства и примитивизам во нивното однесување.
На ваквите „патриотски“ дивеења опозициската ДПМНЕ не гледа закана за пратениците и обвинува дека полицијата ги чува од сопствениот народ, а лидерот на ДПМНЕ Христијан Мицкоски, гласноговорник на Никола Груевски, цинично изјавува дека не го оправдуваат насилството, но за ова што се случува одговорноста е на владеачката партија СДСМ! Тој негира дека зад протестите стои партијата, демек тоа било спонтано од народот! Ваквите и слични изјави на лидерот на ДПМНЕ станаа препознатливи, исти се како тие на Груевски…
Не навлегувам во тоа дека со Законот за употреба на јазиците само се прошируваат правата на употреба на албанскиот јазик во државните институции во однос на Законот донесен во 2008 година од Владата на ДПМНЕ со премиер Никола Груевски, ништо повеќе од тоа. Исто така треба да им биде јасно на „патриотите“ дека со донесениот Законот за јазиците Македонците ништо не губат со тоа што некоја друга заедница добила право да зборува на својот мајчин јазик. Да се потсетиме дека во Норвешка и Финска каде живеат многу малку Швеѓани (околу 6%), шведскиот јазик е официјален јазик на ниво на држава, па тие држави до сега не пропаднале, нити пак Македонија ќе пропадне!
Сакам да ги потсетам „патриотите“ на ДПМНЕ за генезата за донесување на Законот за јазиците. По завршување на „војната“ во 2001 година, кога на власт беше партијата ДПМНЕ со премиер Љубчо Горгиевски, и со потпишување на Рамковниот договор беше договорено, меѓу другото, решавање на прашањето за употреба на албанскиот јазик како заедница со над 20% население во Македонија. Да се разбереме, секоја војна завршува со мировен договор со кој победниците ги диктираат условите на договорот, па така и со Рамковниот договор тоа се случи.
Каде беа овие силни „патриоти“ кои сега протестираат пред домовите на пратениците на СДСМ во 2001 година да ја одбранат Македонија од „албанските терористи“ во 2001 година! Се сеќавате на зборовите на Робертсон, шефот на НАТО, на почетокот кога почна „војната“ (14 март 2001 година во Танушевци) тој викаше „тоа се терористи и убијци, удрете по нив“ – но „патриотите ја чуваа кубурата за зло време“ и беа невидени кукавици кои немаа храброст да се борат за Македонија! Како толку брзо заборавија дека поради нивниот голем „кукавички патриотизам“ се донесе Рамковниот договор, а Законот за јазиците е последица токму на тој договор. Законот за употреба на јазиците е заслуга на „патриотите“ кои беа причинители да се потпише Рамковниот договор, па сега не ми е јасен нивниот излив на силен „патриотизам“ кој за мене е комплетен идиотизам. Зарем не е идиотизам да протестираат во толпа пред домови на пратеници и да ги плашат нивните деца и фамилијата со урлање, врескање и простачки дофрлања! Пред домовите на пратениците нема место за протести, се знае каде и како се протестира во секоја демократска држава, што Македонија за жалост уште не е! Таков простотилак и насилство нема никаде на светот, тоа можат да го прават само членови на партијата ДПМНЕ на кои насилството им е знак за распознавање!
Јас во мојата претходна колумна напишав дека насилството е во кодот на партијата ДПМНЕ, но сега ќе додадам дека и државата Македонија треба да има код да се справи со таквото насилство! Државата треба со нив да разговара на јазик што тие го разбираат…