Во јавната дебата по повод тековните преговори за надминување на спорот за името на нашата земја се соочивме со неколку заблуди за ова прашање, кои се провлекуваат во подолг временски период. Тие ја заматуваат сликата и создаваат конфузија во македонското општество. Ова е добар момент да се отвори расправа за овие прашања и на тој начин да се даде придонес кон создавање поволна атмосфера, која на нашата дипломатија ќе ѝ олесни успешно да се справи со големиот предизвик со кој сме соочени.
– Првата голема заблуда е дека спорот е САМО (ЕДИНСТВЕНО) за името на нашата држава.
Оваа заблуда станува очигледна кога ќе се направи увид во грчките документи од раните деведесетти години на минатиот век, од периодот кога настана спорот за името. Во нив е изречно наведено дека вистинската грижа на Грција е македонскиот идентитет, кој требаше да продолжи да се развива во независна држава, што за неа беше неприфатливо. И оваа позиција е константа на грчката надворешна политика до денешен ден. Со еден мал увид во веб страницата на грчкото министерство за надворешни работи, може да се најде документот насловен како „FYROM Name Issue“ (https://www.mfa.gr/en/fyrom-name-issue/), во кој е содржана официјалната грчка позиција за спорот за името. Во него изречно се наведува дека нашата држава ја прогласила својата независност во 1991 година, „базирајќи го своето постоење како независна држава на вешачкиот и лажен поим на „Македонска нација“, која била култивирана систематски преку фалсификување на историјата и употребата на античка Македонија за чисто политичкa целeсooбразност“. Практично, грчкиот надворешен министер Коsијас воопшто не ја напуштил платформата креирана од Самарас во раните деведесетти години од ХХ-от век, туку само малку ја ублажил терминологијата и за разлика од Самарас, прифаќа директни средби со нашиот шеф на дипломатијата.
Низ призмата на таквото сознание, станува јасно зошто Грција толку инсистира на суштинска промена на името на нашата држава во „Република Горна (или Северна или Вардарска) Македонија“. Едноставно, за да произведе промена на идентитетот на нашата „вештачка и лажна нација“ и тоа на начин кој е прифатлив за грчката страна, независно од последиците по нашата држава.
– Втората голема заблуда е стојалиштето дека приемот на нашата земја во Обединетите нации во 1993 година е тежок пораз на нашата дипломатија, остварен преку повреда на Повелбата на ОН, при што нашата држава добила привремено име.
Вистината е сосема спротивна. Приемот на Република Македонија во ОН е резултат на многу вешта дипломатска акција заснована на Повелбата на ОН и предводена од неколку пријателски западни дипломатии (најмногу британската), кои преку еден невообичаен модус успејаа да ја избегнат обврската на Велика Британија и Франција за ставање вето на нашиот прием во Советот за безбедност. На тој начин, овие земји во суштина ја погазија Лисабонската декларација од 1992 година, во која беше предвидено дека ЕУ нема да ја признае нашата држава, доколку во името е вклучен зборот „Македонија“. Кон тоа се надодава втората заблуда во врска со т.н. „референца“, а тоа е привидот (кој е погрешен) дека името на државата е сменето во „поранешна Југословенска Република Македонија“. Многу наши политичари и новинари, дури и наши поранешни премиери, во своите изјави подлегнуваат на таа заблуда, па зборуваат за „привремено име“. Вистината е дека крајно невообичаениот механизам за обраќање до нас (т.н. „референца“) подразбира дека ОН и нејзините држави членки ќе ни се обраќаат (ќе нѐ ословуваат) под референцата, додека нашата држава во комуникацијата со нив ќе го користи своето уставно име. Практично, со тоа е овозможено да не се промени името на нашата држава. Тоа е голем пораз за Грција, кој таа вешто го прикрива од сопствената јавност, а нашите власти никогаш не се потрудија тоа да им го објаснат на своите граѓани.
Оваа непријатна вистина за Грција целосно исплива на површина во текот на постапката пред Меѓународниот суд на правдата, кој и изречно пресуди дека т.н. „референца“ не е име на државата. Преку Времената спогодба од 1995 година, истиот механизам е пренесен и во останатите меѓународни организации, со што во целост е заштитен државниот интерес.
– Третата заблуда е за Времената согласност од 1995 година и отстранувањето на шеснаесеткракото сонце од државното знаме на Република Македонија.
Во нашата јавност преовладува заблудата дека со отстранувањето на шеснаесеткракото сонце (кое Грција го нарекува „Sвездата од Вергина“)од државното знаме, Република Македонија се откажала од свој суштествен симбол и претрпела ненадоместлива штета. Вистината е дека шеснаесеткракото сонце воопшто не е врзано за идентитетот на македонската нација, бидејќи тоа и не било познато во текот на борбата за наше национално осознавање и ослободување во текот на 19 и 20 век, ниту пак во моментот на создавањето на македонската Република заснована на одлуките на АСНОМ од 1944 година. Македонскиот национален идентитет нема свој корен во некаква директна врска со античкото македонско кралство. Проф. Денко Малески, нашиот „Кисинџер“, како што јас би го нарекол, со право потенцира дека доминантното стојалиште во светската историска наука е дека античкото македонско кралство има грчки карактер. Република Македонија има право на културното наследство на античкото македонско кралство, како дел од светското културно наследство, но и како дел од културното наследство на нашата територија. За жал, мора да признаеме дека ставањето на шеснаесеткракото сонце на нашето знаме е прилично голема грешка и да се помириме со фактот дека со времената согласност од 1995 година ни беше овозможено да се ослободиме од таа грешка, а не дека сме биле принудени да се одречеме од нешто што е вредно за нас.
– Четвртата заблуда е дека можно суштинско преименување на нашата држава, без да се засегне во нашиот македонски идентитет.
Како што веќе беше погоре наведено, целта на грчкото инсистирање на суштинска промена на името на нашата држава во „Република Горна (Северна, Вардарска) Македонија“ e да се постигне промена на нашиот македонски идентитет. Затоа во преговорите се отвораат прашања од типот како ќе се именува македонскиот јазик по таквото преименување на државата, или како ќе се именува државјанството и сл. Да немаме забуни, државјанството (на англиски: „nationality“) е правна врска меѓу поединецот и државата и тоа не може да биде именувано поинаку од државата на која се однесува. Уште повеќе, преименувањето на државата во „Република Горна (или Северна или Вардарска) Македонија“ отвара можност за содавање придавка од таквото име (на пример: Горномакедонско, Горномакедонски, Горномакедонска) и тоа мора да ни биде јасно.
Преку јасното расчистување со овие заблуди, македонската јавност ќе може многу помирно да го следи текот на преговорите за надминување на спорот за името. При тоа, не смее да се губи од предвид околноста дека со постојното полно уставно име на државата (Република Македонија, Republic of Macedonia) кое е сложено, само по себе се постигнува јасно разликување меѓу името на нашата држава и името на регионот Македонија во кој таа е лоцирана. Исто така, вреди да се спомене дека во изминативе речиси дваесет и пет години преговори под покровителство на генералниот секретар на ОН, единствениот компромис кој бил прифатен и од двете страни, но во различни моменти е промена на името на нашата држава во „Република Македонија (Скопје)“, односно „Republic of Macedonia (Skopje)“, во меѓународните (севкупни) односи. Неодамна дознавме дека Грција го дала овој предлог во септември 1997 година, а нашата држава пред НАТО Самитот во Букурешт во 2008 година. Се разбира, прифаќањето од наша страна во 2008-та година беше условено со потврда на референдум.