Немам ништо против нашинците кои живеат во „Нов Јужен Велс“ – Австралија.
Имаат право да си протестираат во нивната држава, ама нешто не ми е јасно.
Зошто никој од нив не се буни што во името на нивната држава има ем „Нов“, ем „Јужен“, ем „Велс“?
Зошто не им пречи кога ги нарекуваат „New South Welshmen“ (Нови Јужни Велшани)?
Зошто не протестираат кога нивната држава се претставува како „најуспешна мултикултурна заедница во Австралија“ во која се зборуваат 83 различни јазици и се практикуваат 136 различни религии?
Зошто не протестираат за политиката на диверзитет во нивната држава, која настојува да го дуплира бројот на Абориџини на одлучувачки позиции, како и бројот на жени од 33% на 50% до 2025?
Дали нашинците „Ново-јужно-велшани“ се свесни дека речиси една четвртина од домаќинствата во државата се двојазични или повеќејазични?
Дали нашинците од Нов Јужен Велс се информирани дека можат да добијат бесплатна правна помош на над триесет јазици, вклучително и на Macedonian/Makedonski? Ако им е познато тоа, зошто протестираат против двојазичност во Македонија, кога во нивната држава има 35-јазичност?
Навистина не ми се јасни одговорите на овие прашања, па затоа би бил многу благодарен ако некој граѓанин на Нов Јужен Велс ми ги појасни.
Најдобронамерно прашувам.
(ФБ статус на авторот)