Ј.А. (45) од Пробиштип синоќа бил приведен и задржан во полициска станица откако во 20.30 часот на улица Ќикевачка во Свети Николе физички нападнал полициски службеник, а претходно и две лица од Свети Николе.
Полицијата соопшти дека синоќа двајца полицајци отишле на местото на инцидентот по пријава за физички напад од страна на Ј.А. врз лицата З.М. и М.М од Свети Николе. Кога пристигнале на местото, полициските службеници му наредиле на Ј.А. да се оддалечи од дворот на З.М.
Тој не ги послушал и продолжил да вика и да упатува закани по животот кон едниот полициски службеник. Кога се обиделе да го приведат, Ј.А. физички го нападнал едниот полицаец, удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, а го гризнал два пати во пределот на десната рака. Откако дошло засилување, Ј.А. бил приведен и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
На полицаецот му била укажана лекарска помош во јавната здравствена установа Свети Николе.
За настанот бил запознаен јавен обвинител.