Најмногу „рамковно“ вработени ќе добијат прекоманда во здравството и МВР

Надлежните најавија дека распределбата на 958-те вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор е прва фаза, а втората ќе ги опфати останатите од вкупно 1.600 лица.

1400

Најголем број од 958 административни службеници вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор добиле прекоманда во болниците и во Министерството за внатрешни работи (МВР). Во универзитетски клиники, здравствени домови, општи болници низ повеќе градови во земјава распоредени се точно 100 лица.

Најмногу од нив треба да почнат да работат во Клиничката болница во Тетово – 28, по петмина во тетовскиот Центар за јавно здравје и во Општата болница во Гостивар. Останатите по едно, две или три лица се распоредени во други 40-тина здравствени установи.

Исто така, добар дел од вработените според Рамковен се распоредени во МВР, вкупно 50. Од Управата за јавни приходи, пак, работни договори ќе им бидат понудени на 39, а од Царинската управа на 30 лица. Во јавните обвинителства и во Управата за водење на матични книги, пак, прекоманда добиле по 26 лица. Во Министерството за надворешни работи се распоредени 19, во Министерството за образование и наука 17, во Агенцијата за катастар на недвижности 18, Министерството за финансии 16, исто како и во Фондот за здравствено осигурување и во Бирото за образование и развој. Во Македонски пошти 15. Бројот на распоредени лица во останатите институции од јавниот сектор е под 15, а во голем дел од нив се распоредени и по само едно или две лица.

На списокот институции во кои ќе бидат распоредени административните службеници покрај споменатите министерства и здравствени установи, има и училишта, судови, инспекторати, библиотеки итн.

Работата во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, овие лица ја добивале преку огласите распишувани од 2008 до 2015 година, но најголемиот дел од нив, иако беа вработени и земаа плата, не се ни појавуваа на работа.

На денешниот брифинг со новинарите, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски посочи дека со измените и амандманите на законите во изминатиот период, се создале услови овие вработени да можат да се распределат не само во административната служба, како што беше случајот до сега, туку и во институциите од јавниот сектор.

Како што веќе објавивме, ова им е претпоследна шанса пред да добијат отказ. Во случај да го одбијат понуденото работно место тие ќе бидат префрлени на трансфер листата во Министерството за информатичко општество и администрација. На таа трансфер листа ќе им бидат на располагање на сите државни институции кои ќе можат да ги ангажираат. Во моментот кога ќе бидат побарани за преземање, имаат обврска да ја прифатат понудата. Ако го одбијат и тоа, тогаш Владата ќе им се заблагодари на досегашните „услуги“. Надлежните најавија дека распределбата на 958-те вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор е прва фаза, а втората ќе ги опфати останатите од вкупно 1.600 лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...