Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцот ја доби Дидје Дешан

Дешан е француски уметник, танчер и короеграф кој со својата исклучителна посветеност на развојот на современиот танц го постави на повисоко уметничко рамниште.

157

Фестивалот „Танц фест 2018“ годинава ја започнува својата програма на четврти април 2018 година во Македонскиот народен театар во 20 часот.

На свеченото отворање ќе биде доделена Наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“, која годинава ја добива извонредниот француски уметник Дидје Дешан, актуелен директор на Националниот театар Шајо во Париз.

Советот на фестивалот „Танц фест 2018“ едногласно ја донесе одлуката годиншнава награда за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ да му припадне на францускиот уметник, танчер и короеграф Дидје Дешан, поради нeговата исклучителна посветеност на развојот на современиот танц и негово поставување на повисоко уметничко рамниште.

Дидје Дешан е француски танчер, кореограф и педагог, роден во 1954 година во Лион. Бил директор на Националниот центар за кореографија – Балет Лорен во Нанси сѐ до јули 2011 година, а денес е директор на Националниот театар Шајо. Дешан е назначен за офицер на Националниот ред на заслуги, командант од Редот на уметностите и книжевноста и Витез на Легијата на честа.

Студира танц во Лион, во класата на Мишел Але Егајан, а потоа во Париз во Меѓународниот центар за танц, како и во Њујорк, во рамките на студиото на Мерс Канингам. Дидје Дешан настапува во извонредни национални и меѓународни танцови компании како компанијата на Режина Шопино, а од 1972 година во Соединетите Држави во Хаваи Денс Театар – групата на прославените Хозе Лимон и Дорис Хемфри.

Придонесувајќи во развојот на новиот француски танц тој создава сопствена танцова компанија и кореографија, особено за Режина Шопино, Националниот центар за современ танц во Анже, Високиот национален конзерваториум за музика и танц во Лион, и за различни танцови компании во Копенхаген и Лондон. Паралелно на тоа, Дидје Дешан се посветува на наставата по танц и интервенира во многубројни компании како онаа на Режина Шопино, во Менажри де Вер во Париз, а потоа во странство, пред да биде назначен во 1983 година за директор на студиите во Националниот центар за современ танц во Анже, кој тогаш беше под раководство на Виола Фарбер. Од 1984 до 1990 година, во текот на шест години, тој станува директор на одделот за кореографски студии на Високиот национален конзерваториум за музика и танц во Лион. На 1 јули 2000 година тој е назначен за директор на Националниот кореографски центар – Балет Лорен, по Пјер Лакот кој го управувал овој центар од 1991 година. Во јули 2011 година е назначен за директор на Националниот театар Шајо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...