На протестот за Алмир приведено едно лице, каменувна 50-ка

1210

На денешниот протест кој денеска беше организиран пред Владата и Кривичниот суд за малиот Алмир дошло до инцидент на булеварот Крсте Петков Мисирков, потврдуваат од МВР.

Било фрлано со камења кон автобус на ЈСП со број 50, а во инцидентот полицијата привела едно 22-годишно лице со иницијали А.М.

Протестот се одржува откако кумановското обвинителство го преквалификува делото за смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од „убиство со умисла“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

– Бидејќи заврши судскиот процес и ништо не може да ја врати квалификацијата, единствениот начин за вакво нешто никогаш да не се повтори и да се врати случајот на почеток, е да се најде вината во работењето на јавната обвинителка Сузана Кусигерска, судијката Маја Денковска и јавниот обвинител Љубомир Јовески, како и вештаците кои ги прекршиле законите – посочи Висар Вишка, еден од организаторите на протестот.

Тој нагласи дека кога еден судија или обвинител ќе биде казнет и ќе сноси одговорност за неговото работење, во иднина нема да се повтори случајот на Алмир, потенцирајќи дека без одговорност нема правда.

– Овде не сум само за Алмир, тука сум за сите загрозени деца од тој криминалец, кој сега е на слобода. Мојот Алмир повеќе нема да се врати, но сепак вашите деца треба да живеат во слобода – истакна мајката на малиот Алмир пред присутните на протестот.

Таа наведе дека на нејзиниот син му бил прекинат животот уште пред да наполни четири години.

-Мојот Алмир не знаеше да прави етнички поделби, тој мечтаеше да игра со пријателите и да учи, но за жал еден криминалец со умисла сето тоа го прекина – потенцираше мајката на Алмир.

Учесниците на протестот носеа транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“, како и детски играчки и детска облека, кои при крајот на протестот ги закачија на оградата на Владата.

Малиот Алмир беше прегазен во 2016 година од возило кое го управувал Бобан Илиќ, откако претходно во кумановскиот Здравствен дом се скарал со родителите на детето. По преквалификацијата на делото Илиќ беше пуштен од притвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...