На ЕУ и требаат добри вести од Балканот Видео

Ова е пораката од работниот состанок на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, како премиер на земја претседавач со ЕУ, со шефовите на држави и влади од Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Зоран Заев, што се одржа во Софија.

228

На ЕУ и требаат добри вести од Балканот и се очекува државите од регионот да бидат ефикасни во спроведувањето регионални иницијативи: економска соработка, политичка стабилност, борба против корупцијата и криминалот.

Ова е пораката од работниот состанок на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, како премиер на земја претседавач со ЕУ, со шефовите на држави и влади од Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Зоран Заев, што се одржа во Софија.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, присуствувале и високата претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

По работниот состанок премиерот Заев, во изјавата за медиумите рекол дека на состанокот, од страна на претседателот на ЕК, Јункер, заедно со еврокомесарот Хан и претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Могерини било реафирмирано дека ЕК е посветена на ЕУ интеграциите на земјите од Западен Балкан.

– Денеска највисоките претставници на Европската комисија соопштија дека сега се сериозни перспективите за Западен Балкан на патот кон ЕУ – истакнал премиерот Заев.

Заев додал дека е најавена сериозна поддршка на државите од регионот во делот на инфраструктурата, со финансиски средства во висина од неколку милијарди евра.

Исто така, како што рекол премиерот Заев, испратена е пораката, дека „водилка во овие процеси треба да бидат реформските процеси“.

Лидерите на државите од регионот, од високите евро претставници, биле охрабрени да продолжат со регионалната соработка и инфраструктурното поврзување.

Како значајни реформи од коишто се очекува напредок до Самитот за Западен Балкан во мај во Софија, на работниот состанок, биле посочени реформите во правосудството, медиумите, јавната администрација и тајните служби и полицијата, што, како што соопштил премиерот Заев, се „голема одговорност за Република Македонија, но и нешто што ги отвора евро перспективите“.

– Ние очекуваме во април да се тргне условеноста на препораката, а во јуни да добиеме и датум за почеток на преговори со ЕУ. Ова се вредни цели на коишто треба да се посветиме сите – рекол премиерот Заев во изјавата.

Пред бројните новинарски камери и големиот медиумски интерес, премиерот Заев изразил благодарност за неговиот колега од Република Бугарија, Борисов.

– Еден сериозен дел од ангажманите за време на претседавањето е посветен на пријателите и на соседите, и тоа е вредно за почит – посочил премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев навел дека Република Македонија е посветена на Коридорот 8 и на развојот на патната и железничката инфраструктура на овој коридор кон Бугарија и Албанија, како и на поставување на оптичка инфраструктура, гасно поврзување, и на намалување на цените на роамингот.

– Да го покажеме Балканот како вредно место во Европа – истакнал Заев.

На интересот на новинарите во врска со решавањето на спорот за името, премиерот Заев оценил дека „сега се најголеми шансите за решение“, дека има посветеност од сите страни, вклучувајќи го и премиерот Ципрас, и дека прашањето е тешко и чувствително, но и дека ги отвора перспективите на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО.

Премиерот Заев додал дека е добро што двете страни се определени на достоинствено решение на спорот.

– Верувам дека и на Грција и треба решавање на ова прашање од меѓународната проблематика. Верувам и дека сите политичарите во Грција, пред се премиерот Ципрас, лидерите на опозицијата, господинот Мицотакис, и другите политичари, повеќе мислат на иднината на Грција и на целиот грчки народ, истакнал премиерот Заев.

На инсистирањето на новинарите кога би можело да се очекува решавање на спорот, премиерот Зоран Заев оценил дека е можно тоа да се случи пред Самитот на ЕУ во јуни, кога Македонија очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...