Макрадули: Од отпадот да правиме профит

Макрадули апелира до општините од депониите да создадат профит и да отворат работни места.

563

На 19 март ќе почне со работа новиот филтер во депонијата Дрисла, а веќе е определена и локација за регионална депонија во Североисточниот регион.

Ова денеска го најави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, според кого консултанти имаат определено и локација за регионална депонија во Југозападниот регион.

– Апелирам до општините во кои, на пример, има осум или десет илегални отпади, да не даваат отпор, туку да ги фатат европските текови и да направиме регионални депонии во кои од ѓубрето ќе правиме профит и од отпадот ќе генерираме работни места кои ќе се грижат на современ европски начин да го менаџираме отпадот – изјави Макрадули пред денешната меѓународна конференција за управување со отпад.

Проценките покажуваат дека во државата има меѓу 66 и 88 илегални депонии, а како што посочи Макрадули, во една општина каде градоначалникот сѐ уште се двоуми, има осум илегални депонии.

– Депонијата нема да биде онаква каква што за жал е сликата што ја знаеме од Струга. Тоа ќе биде место кадешто ќе има работна сила, каде ќе се произведуваат или нови суровини или енергија. Во интерес на граѓаните, Владата застанува на чело на овој проект во кој сме убедени дека тоа е иднината и очекувам поддршка од сите. Во Македонија најлесно можеме да постигнеме консензус околу поглавјето 27 и заштитата на животната средина бидејќи тоа не засега сите нас – нагласи Макрадули.

Во законите што се подготвуваат од областа на управувањето со отпадот се предвидува да се зголеми опфатот на суровините кои ќе се третираат како што се маслата, гумите и текстилот, а се бара решение и за илегалните собирачи на отпад.

На денешната меѓународна конференција што ја организира Асоцијацијата за управување на посебни текови на отпад при Стопанската комора на Македонија се презентираат европските искуства на ова поле. Според Тодор Боургоуџиев од „Екоапак“ од Бугарија, за поголема успешност во оваа област потребни се добри закони, инспекциски надзори и финансиски средства.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...