Сепак да продолжам со македонските (не-)стандарди во културата. Зашто ја гледам – се разбира на интернет – изложбата на Микеланѓело Буонароти (il Divino) во Метрополитен во Њујорк и си мислам: што сме му згрешиле ние на Господ? Сигурно многу, за да не’ остави вака на милост и немилост на секоја будала – како неколкумина од „професорскана“ фела, ама и редица други „манекени“ во културата – кои што мислат дека нешто разбираат, особено за уметноста, та дури и држат лекции ex cathedra. Мислам дека ние, едноставно, не сме подготвени за изложби / уметници како Микеланѓело. Никако! Не (само) како потенцијална публика, иако сум сигурен дека Аца Лукас или Лепа Брена глатко ќе го надмашат во бројноста на посетеноста, туку пред се’ мислам на стручноста и условите во нашите музеи. Чест на малкуте исклучоци ама, извинете, ние можеме да се трткаме дека за една ретроспектива сме имале десетина илјади посетители (податок на кој што се налепија лековерни новинари, а во стварноста сме продале одвај 1200 влезници), а всушност темелното прашање е: што и како тоа сме го сработиле, и зошто? Па така, на пример, кому сега, повторно, му треба ретроспективна изложба на Перчинков, кога МСУ истата одлично ја направи само пред некоја година? Или колку е тоа заслужен еден кумановски Фото клуб за да годинава има дури 5-6 (национални!) изложби, а Фото сојузот на Македонија – ниту една? Или изложба на еден дотичен „македонски“ уметник кој со децении живее во странство, ама се сеќава на Македонија секоја втора-трета година, кога ќе му затреба самостојна изложба, и тоа за „дебели пари“?
И тоа се само примери што први доаѓаат на ум. Или, деновиве бевме посебно „просветлени“ со најновиот пронајдок во музејската (провинциска) едукација – од кого друг ако не од нашиот музеј со најдолго име во светот, инаку попознат како Македонски музеј на хоророт. Елем, тамошните „стручњаци“, во неподносливата здодевност на нивното досегашно постоење, како да се натпреваруваат во измислувањето глупости, со што неповторливо ја збогатуваат нашата локална музејска имбецилност. Последната е, ни мање ни више, туку интерактивниот 3Д веб сајт со грабнувањето на Мис Стон! Јеботе, само тоа ни недостасуваше во животов и музејското секојдневие. Се’ друго ни е наредено, ама уште да ги видиме Јане Сандански и Мис Елен Стоун, сместени во некакво трло / оградичка / што ли … онака срамно аматерски (да не речам одвратно) „склепани“ … а сета таа скаламерија, демек, со помошта на ФИНКИ и (виѓи врага) Британскиот совет во Скопје! Нека се чуди кој колку сака, но изгледа има вистина дека во ова балканско свирипичино и најкултурните се посељачуваат. Баш би сакал да видам Британскиот совет да финансира нешто вакво во некој од музеите во Лондон! Но, покрај овој „новитет“, овој „музеј“ одамна е токму реперот на македонските одамна загубени стандарди во културата (а особено во музеологијата!), наша константна забоболка која што „јаде“ неброени милиони годишно буквално за ништо, а чија што куса (неколкугодишна) историја е практично исполнување на најцрвените комунистички сништа за основањето на еден музеј: по идеја на еден-двајца партиски челници, со државен декрет, со октроирана од највисоко ниво „програма“, а поставка скрпена од неколкумина квазиисторичари кои сите заедно во животот виделе одвај два-три музеи! Иако, од друга страна, тоа е идеален музеј зашто во него нема никаква работа. Освен, можеби, како што вели Лисичков, да имаат две четкички – поголема и помала – поголемата за да ја чистат прашината од восочните фигури, а помалата за да им ги чешлаат мустаќите на комитите. И толку! Тие и така ништо друго таму не можат да (с)работат!!!
Но, да беше единствен па да речевме: ај ќе им простиме, не се они виновни што морале да следат некаква имбецилна партиска штабкоманда. Ама оној „музеј“ во Заливот на коските? Или, демек, „обновениот“ – инаку во реалноста непостоечки, без трага – дом на Мајка Тереза, без ниту еден оригинален експонат? Па оние селски музеи што никнаа како печурки низ македонската провинција во изминатата деценија, само за да се рече дека, ете, и во тие гратчиња (патем, некои речиси целосно без млада популација!) има парче култура?! Нашата музеологија дефинитивно работи според рецептот на Марија Антоанета: ако немаат леб, ако немаат работа, ако се иселуваат – ќе им направиме музеи! Ем ќе ги истрошиме парите од буџетот, ем пред Европа ќе се фалиме со нови „културни“ институции. Злосторството што го оставија да пропаѓаат сите други музеи во државава – на пример Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на град Скопје итн. – е злосторство против културното наследство на оваа земја, против народот, идентитетот, историјата. Само бандата знае, и ние по малку насетуваме, зошто тоа беше така направено. Но, да сместиш еден Археолошки музеј во она чудовишно здание покрај Вардар, па уште да му го дадеш на некој полуписмен театарски сценограф да го (демек) средува ентериерот, или да ја ставиш онаа како-ли-се-викаше за директорка; па да ги редиш по партиски и непотистичко фамилијарен пријателско-зетовски клуч на Лилето-на-тато-Блаже директорите во Музеј на Македонија (почнувајќи од приученана „скулпторка“ па надаље); па да го оставиш оној Кузман, или Лилчиќ да изигруваат селски величини не само во сферата на културното наследство туку и во музејската политика … сето тоа е рамно на културно самоубиство што ќе го отплатуваме со децении понатаму.
Оттука, метлата што и’ треба на македонската историја, уште повеќе е потребна за македонската музеологија. Без сентименталности, без предрасуди, без вакви или онакви (лично-групни) симпатии или, не дај боже, (квази)национални закачалки на кои што ќе ги бесиме музејските експонати. Или е вредно, или – не е; или знаеме да го сработиме / презентираме, или не знаеме; или нештата имаат контекст, или – немаат. И толку. Нема тука којзнае колкава философија. Кого тоа ние денес, во втората деценија на дваесет и првиот век, ќе го инструираме за македонската историја со смешни 3Д презентации кога и децата на 4 годишна возраст знаат за подобро? Или кому тоа му продаваме апсолутно мртва уметност од средината на минатиот век како наше најголемо достигнување? Или, ако баш сакате, кому тоа ние му го прикажуваме Лазески како голем сликар – а тој тоа никако не е, напротив – туку е извонреден и наш најголем монументалист, и тоа е неговата вистинска заслуга за македонската култура и уметност?!
Што ќе рече: зошто македонските музеи не се концентрираат на вистинските теми, на сериозната стручна обработка и презентација, на вистинската едукација? Ако знаат, се разбира. Но, не само што ни фали стручната подлога, илити работа, туку, уште повеќе, ни фалат услови, прерогативи, знаења и умеења музеите да ги направиме центри на вистинската македонска култура, онаа култура која што ќе ја раскажува не само приказната за македонското (движно) културно наследство низ вековите туку и за современата македонска визуелна култура од блиското или подалечното минато. Сите оние стотици „современи“ изложби низ македонските музеи не се вредни ни „пишљива боба“ (што би рекле хрватите) бидејќи, прво, прикажуваат недостојна македонска современост во уметноста, и второ, кога станува збор за (демек) ретроспективни експозиции, не’ замајуваат со нечии лични и до зла бога погрешни перцепции не само за творештвото на дотичниот уметник туку и за уметноста во целост! Иако, во принцип, музејските неотпорности се – наши културни неотпорности. Тие се провлекуваат, на еден или на друг начин, во целата култура, со сите специфики за одделните дејности.
извор: Теодосиевски уметност