Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо денеска имаше 12-минутен монолог, предизвикан од прашање за незадоволството на навивачите по елиминацијата на тимот од Лигата на Шампионите.
Португалецот доби многу критики од приврзаниците поради пристапот во средбите со Севиља, како и поради некои од изјавите по поразот од шпанскиот тим.
На „Олд Трафорд“, исто така, се слушнаа и свирежи по последниот судиски сигнал за несреќниот дуел со Севиља.
– Нема да избегам, да исчезнам или да се расплачам поради неколку свирежи. Нема да се сокријам во тунелот или да избегам. Во следниот натпревар ќе бидам првиот кој ќе излезе. Не се плашам од своите одговорности. Јас имам 55 години и сум она што сум. Не сум освоил ништо 10 месеци – мојот последен трофеј беше пред толку време, ги победив Ливерпул и Челзи, но загубив од Севиља и сега е моментот овие критичари да бидат среќни – изјави Мурињо на денешниот прес пред мечот против Брајтон во ФА Купот.
Тој потоа проговори за историјата на тимот во Лигата на шампионите.
– Навивачите имаат право да ги искажат своите ставови и реакциите, но има и нешто што јас сум навикнат да го нарекувам фудбалско наследство. Последен пат кога Јунајтед ја освои Лигата на шампионите, што не се случи многу пати, беше во 2008 година. Во 2011 година, тие стигнаа до финишот и во 2012 година тимот испадна по групната фаза кога тимот беше сличен како оваа сезона. Во 2013 година беше елиминиран во осминафиналето на „Олд Трафорд“, кога бев на другата страна. Во 2014 година изгуби во четвртфиналето. Во 2015-та не играше во Европа, во 2016-та отпадна по групната фаза, по што отпадна и во 1/8-финалето на Лига Европа. Во 2017 година ја освоивме Лига Европа и така се вративме во ШЛ. Во 2018 година зедовме 15 поени од 18 можни во групната фаза и загубивме дома во осминафиналето. За седум години, при четворица различни менаџери, екипата еднаш не играше воопшто во Европа и два пати отпаѓа во групната фаза, а најдобро претставување е пласман во четвртфиналето. Тоа е фудбалско наследство. Ако ја земете Премиерлигата, последната титула е од сезоната 2012/13, потоа во четири последователни сезони Јунајтед завршува на седмото, петтото и шестото место – вели Мурињо.