Дванаесетгодишникот од ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, кој синоќа полицијата го пронашла во Маџари, установата ја напуштил во септември минатата година. Случајот бил пријавен во полиција и била распишана потерница. По враќањето, во разговор со детето било констатирано дека во целиот период по напуштање на установата било кај неговиот чичко во Кавадарци, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
„Во врска со информацијата за штитеникот од установата „25 Maj“ кој синоќа беше пронајден од страна на полицијата, ве известуваме дека малолетното лице ја напуштило установата во септември 2017. Согласно со надлежноста за постапување, МТСП го известило МВР, по што била распишана потерница“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во разговор со малолетното лице после неговото враќање во установата, било конатстирано дека во текот на целиот овој период се наоѓал кај својот чичко во Кавадарци. Малолетникот, посочуваат од МТСП, е во добра здравствена состојба, а Министерството ги проверува сите детали за случајот.
Во полициаскиот билтен денеска имаше информација дека дванаесетгодишно дете, штитеник на Домот „25 Мај“, кое било пријавено за исчезнато, ноќеска, еден час и 10 минути по полноќ било пронајдено во Маџари.
Како што беше наведено во полицискиот билтен, детето е пронајадено на улица Благоја Стефковски во Скопје од полицајци и било предадено на полициски службеници од Одделението за малолетничка деликвенција Чаир за понатамошна постапка.