Може ли ВМРО да се командува од затвор?

Всушност, веќе во наредните неколку месеци ќе видиме дали Мицкоски може политички да го преживее одењето на Груевски и Мијалков в затвор? Јас мислам да. Ќе може ли ВМРО-ДПМНЕ да се командува од затвор? Јас мислам не.

1224

Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ „на местото на злосторот“, во Собранието, се чини, е политички чекор во вистинска насока. Се разбира дека за тоа е потребно и малку драма, па затоа ќе мора да го преживееме и опозициското барање за гласање доверба за Владата на Заев. Таман ќе видиме кој ќе гласа за, кој ќе биде во тоалетите за време на гласањето, кој нема ни да дојде во Скопје, кој ја загубил картичката за гласање, кој ќе биде во салата со воздржан глас, а кој ќе гласа против. Пребројувањето, додуша, ќе треба да се прави по Велигден, што значи изгубени уште две полни недели за да може Собранието и некоја друга паметна работа да сработи. Тоа веројатно ќе ја одложи за некоја недела и реконструкцијата на владиниот кабинет за која почна да „се пазари“ премиерот. Но, барем, ќе дојдеме до вистинската цифра за владејачкото мнозинство во Собранието, за да може, понатаму, поиздржано да се прават сите други важни гласачки, евро-атлантски калкулации што нè очекуваат оваа пролет и лето.

Истовремено, со оглед на „чорбата“ во која и самиот се наоѓа, не може да се одрече извесната политичка вештина со којашто Мицкоски ја „нормализира“ опозицијата, дистанцирајќи се, фактички, од злосторствата на Фамилијата, елегантно препуштајќи го бившото партиско и државно раководство на процедурите на правната држава. Тоа се прави со многу врева и таламбаси против власта („за ништо не ги бива“, „најлошата влада досега“, „безидејни се, прости и неспособни“, „ја туркаат државата во амбис“, „тие се со загубен кредибилитет“ и слични претерувања), за да се надвика громогласниот ефект од враќањето на опозицијата во системот.

Разбирлива е таа тактика. До неа дошле веројатно помогнати и од конструктивноста на меѓународниот фактор, за стабилизирање на внатрешно-политичката состојба во земјава. Како и во случајот со коалицијата на Заев, така и за ВМРО-ДПМНЕ гласањето на доверба на Владата ќе значи „пребројување“ на поддршката за самиот Мицкоски, не само во Собранието, туку и низ разните „патриотски“ екстензии кои хистеризираат по улиците, по социјалните мрежи и низ вмровските медиуми на македонската јавна сцена.

Во тоа не помага фактот што ВМРО-ДПМНЕ доцни со реформите во своите редови – на пример, од новиот партиски статут сè уште нема ни трага, ни глас, што го засилува корозивното дејство на незадоволниците во самата партија кои бараа и поинакви внатрепартиски избори и поинаков третман на слободата на мислата и делувањето во самата партија. Долга е листата на приоритети на Мицкоски, но со одлагање на внатрепартиските реформи непотребно ризикува натамошни делби во партијата, иако би можел, токму и заради обидот да се дистанцира од Фамилијата, да „множи“ и помирува. Конечно, ако се обвинува СДСМ – кои само пред девет месеци влегоа во комплетно демолирана држава во сите нејзини суштински димензии – за неспособност во владеењето, нема уверливо оправдување зошто се доцни со далеку поедноставната агенда за реформите во опозициската партија. Освен ако тие никогаш и не биле искрено ветувани?!

Сепак, враќањето на опозицијата во Собранието ќе ѝ помогне на правната држава, политички порелаксирано и правно поургентно, да се позанимава со бројниот корпус случаи што ќе се процесираат во новата зграда на Кривичниот суд. Дневната политичка и тековната судско-криминална хроника во телевизиските вести ќе може да се следи како раздвоени содржини, што за ВМРО-ДПМНЕ ќе го означи почетокот од еманципирањето на партијата од криминалите на Фамилијата. Долг и неизвесен ќе биде тој пат, да не се залажуваме, но од некаде мора да се тргне…

Всушност, веќе во наредните неколку месеци ќе видиме дали Мицкоски може политички да го преживее одењето на Груевски и Мијалков в затвор? Јас мислам да.

Ќе може ли ВМРО-ДПМНЕ да се командува од затвор? Јас мислам не.

 

извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...