Москва заигра тврдо – случајно?

Можеби предупредувањето од Русија да е и добар знак – што ако тврдата реакција на Москва е знак дека нашите шанси брзо да станеме членка на НАТО не се само пуст сон?

6005

Има една стара поговорка, која вели – тешко на оној кого Кина го храни и кого Русија го брани. Македонија, барем декларативно, ја изрази својата волја да биде дел од Западот, членка на НАТО и на Европската Унија.

Но, официјална Москва очигледно е упорна својата кауза на Балканот да ја „прекрши преку колено“ токму во Македонија, предупредувајќи ја нашата земја дека приклучување во НАТО ќе има „негативни последици“ за нас, за регионалната безбедност и за билатералните односи меѓу двете држави. Иако не е прецизирано што значи тоа „негативни последици“, заканата е очигледна и неспорна.

Можеби нивото на кое е соопштена оваа порака не одговара на нејзината објективна тежина (рускиот заменик-министер за надворешни работи на средба со македонскиот амбасадор во Русија), но тајмингот и некои други околности сепак ги откриваат сериозните намери што стојат во нејзината заднина. Имено, таа доаѓа веднаш по победата на Путин на претседателските избори и јасно ја навестува новата, веројатно поагресивна стратегија на Москва кон регионот. Од друга страна, предупредувањето од Москва коинцидира со дивеењето на антизападните и ентиевропските сили во Македонија, кои често и самите не кријат дека очекуваат поддршка токму од Путинова Русија.

Да биде работата понепријатна, со секој изгубен ден во преговорите меѓу Скопје и Атина, главно поради понижувачките предлози што ги форсира нашиот јужен сосед (би се осмелил да кажам, можеби и во корелација со московските пораки), се добива впечаток дека драстично се намалуваат шансите нашата земја да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Сепак наспроти ова, јас сум оптимист. Сѐ уште верувам дека Западот нема да се откаже од својата стратешка намера да го пацифицира Балканот и да го оттргне од влијанието на Москва. Македонија е мала земја (во споредба со регионалниот џин Србија, на пример), но така како што Москва ги демонстрира своите намери токму преку пораките упатени до најслабиот, можеби и Вашингтон и западните метрополи треба да размислат својата порака до земјите во регионот, но и до Москва, да ја упатат токму преку ставот кон Македонија.

Конечно, можеби тоа и се случува (ако не јавно, тогаш тајно), можеби предупредувањето од Русија да е и добар знак – што ако тврдата реакција на Москва е сигнал дека нашите шанси брзо да станеме членка на НАТО не се само пуст сон?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...