Најчести жртви на криминалот од омраза се машки малолетни лица, а инцидентите се случуваaт во етнички мешаните соседства и училиштата, на автобуските линии што ги користат припадници на различните етнички заедници, на места каде делото од омраза веќе се случило во минатото.
Во најголем број случаи станува збор за поголема група малолетници која напаѓа една или повеќе жртви без провокација, групни тепачки, напад или тепачка во автобус или на автобуска станица, во текот или по спортски настан.
Анализите направени од Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот што континуирано се спроведува во последните пет години во соработка и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје покажуваат дека во периодот на бегалската криза во 2015 година, со оглед на огромниот наплив на бегалци, речиси 50 отсто од жртвите припаѓаа на категоријата бегалци или мигранти.
– Во текот на 2017 година беа евидентирани вкупно 70 дела од омраза, при што треба да се забележи дека овие дела се евидентираат врз основа на постоење на соодветни индикатори на пристрасност, како што се перцепцијата на жртва и сторител, разликата меѓу жртвата и сторителот врз етничка основа, коментарите дадени на лице место, образецот и фреквентноста на сторување на определени дела, типот на насилство, како и времето и местото на извршување на криминалот од омраза, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
Точниот број на жртви на криминалот од омраза во 2017 година, како што додава, се уште е во фаза на обработка, при што очигледно е дека мнозинството жртви беа млади машки лица.