Мицковски: Наместо за Законот за јазици, да разговараме за реформите

220

Наместо за Законот за јазици, пратениците да дебатираат за реформските закони на кои ќе им се даде приоритет. Во меѓувреме да се формира работна група која ќе изготви нов текст на Законот за јазици, предложи денеска претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Африм Гаши од Беса.

Мицкоски повтори дека ВМРО ДПМНЕ нема да ги повлече амандманите поднесени за Законот за јазици  и очекува пратениците да дебатираат по секој од 35 илјади амандмани.

– Ако се претставуваат за реформска влада, тогаш нека дадат приоритет на реформските закони,  ајде да се фокусираме на реформите за доброто на сите граѓани – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека токму неговата партија побарала формирање на работни групи во врска со законот за јазици.

– Ние бевме тие што први повикаа на дијалог, формирање на работни групи што ќе бидат составени од сите политички партии кои што се парламентарни, вклучување на експертската заедница, професорите се разбира и претставници на МАНУ, претставници на кабинетот на претседателот, а се со цел да го подобрат квалитетот на предлог решението. Ако зборуваме за законот за јазиците. Токму во врска со законот за јазиците ние побаравме пред неколку недели. Пред неколку седмици кога почна оваа постапка на трето читање на законот за јазици во Собранието на Република Македонија, побаравме формирање на работни групи кои што ќе бидат составени од претставници на сите парламентарни политички партии, претставници на МАНУ, претставник од кабинетот на претседателот, а се со цел подобрување на квалитетот, уставноста на законот, а она што е најважно целта на овој закон е да донесе бенефит во Република Македонија, а тоа е неговата применливост – истакна Мицкоски.

На прашањето, дали нема да водат дебата за законот за јазици во оваа форма во која што е сега во Собранието, тој одговори:

– Апсолутно ние имаме поднесено согласно процедурите амандмани, тие амандмани се влезени во собраниска процедура, очекуваме почитување на деловникот за работа на Собранието, очекуваме почитување на законите, очекуваме почитување на Уставот. Како партија се залагаме исклучиво за почитување на правото и ништо поинаку нема да прифатиме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...