Се надевам судскиот процес ќе даде одговор на тоа кој им овозможи на луѓето со фантомки да влезат во Собранието, и јас тоа се прашувам, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на телевизија Телма.
Тој праша и зошто Обвинителството и МВР не испитуваат кои терористички групи се собрале во Чаир за време на 27 април, нешто што тогашниот министер Агим Нухиу го кажал во својот исказ пред Обвинителството.
Мицкоски рече дека обвинител треба да ги преиспита изјавите на Нухиу, бидејќи тој имал златна команда, а не презел ништо за случувањата во Собранието.
– Излезе Јавниот обвинител и го образложи обвинението. Но она што загрижува во целиот тој процес, а бевме сведоци на вашата телевизија на емисијата „КОД“ каде што беше цитирана изјавата на тогашниот министер за внатрешни работи Нухиу, каде што тој, иако има златна команда ништо не презема. Второ има индиции дека во истиот тој момент додека траат случувањата во Собранието имаме групирање на терористичка вооружена група во општина Чаир и во неколку други места во Република Македонија – рече Мицкоски.
Тој праша зошто изјавата на Нухиу не е дел од обвинението и зошто Јавниот обвинител посериозно не се заинтересирал да ја истражи оваа изјава. Според него, загрижува зошто МВР не покренало истрага за тоа кои се вооружените лица кои се групирале за време на настаните, дали нивното поседување на оружје е легално, од каде е потеклото на оружјето и зошто Нухиу како прв човек на тоа министерство не ги презел потребните процедури за да се спречи тоа.
-Ако ние за така краток рок имаме група која се мобилизира и се вооружува така подготвена да иницира воен конфликт, а притоа министерот тоа го знае и ништо не презема, логично е дека со ова се охрабруваат овие луѓе и во иднина да се случува. Каде е тука правната држава, одговорноста на министерот, на Јавното обвинителство, каде е одговорноста на сегашниот министер и органите кои се под него -праша Мицкоски.