Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека од денеска ќе тргне на турнеја низ Македонија за да го слушне гласот на народот.
– Јас во периодот кој следува, почнувајќи од денес огромен дел од моето време ќе го посветам на теренските посети, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните. Ќе бидам присутен во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата, затоа што Македонија заслужува и мора подобро. Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните – рече тој.
Според него, во изминатите 10 месеци Македонија стагнира во сите области.
– Нема проекти, нема нови идеи, нема работа, ниту пак реформите кои самите ги ветуваа сега ги реализираат. Ништо не се работи, ниту создава. А не се работи затоа што имаме неспособност во секое поле. Таквото однесување претставува коцкање со иднината на сите граѓани, а Македонија не смее да си дозволи уште една загубена генерација. На Македонија ѝ треба нов, млад и способен кадар. ВМРО-ДПМНЕ има кадар, има програма која се подготвува од домашни и странски експерти. Потребна е нова сила за Македонија – порача тој.