Гледам дека ја интересира власта каде сум бил на 27-ти април 2017 година. Иако и фотографиите кои ги објавија не кажуваат ништо повеќе од она што јас веќе претходно го соопштив за моето движење тој ден, само овој пат направија додадена мистерија и заокружени црвени кругови, сепак еве ќе повторам и директно одговорам. Јас на 27-ти април бев со народот, со луѓето кои протестираа осумдесетина дена претходно и кои со право беа загрижени за иднината на нашата Македонија. И доколку денес не ви беа црвените кругови кои ги заокружувате, доколку не ви беа полициските акции со кои се фалите, ќе немаше „колективна забава” во која само вие верувате, и веројатно уште посоголена, уште повидлива ќе беше неспособноста во која се давите, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.
„Јас ќе порачам две работи, за да нема недоумица и да се знае: прво, вие не можете толку да украдете и да срушите колку што ние можеме да изградиме и реализираме, таа битка ви е однапред загубена. ВМРО-ДПМНЕ на секоја ваша неправда, на секој ваш удар, станува посилен, постабилен, поголем. Второ, следниот пат кога ќе има собир на народ, незадоволници од оваа влада, за да не се трудите да одбегнувате тужби, па морате да поставувате прашања, за да не заокружувате и објаснувате на чија страна ќе бидам, уште сега да знаете, за да остане запишано, јас ќе бидам повторно на страната на народот, а вашиот пад нема да го сокрие срамот кој ќе го носите уште долго по вашето заминување од власта. Затоа што власта не е се во животот, потребен е образ, достоинство и човечка доблест во кои јас искрено верувам“, напиша Мицкоски.